Во доказната постапка за навреда и клевета во случајот Вице Заев против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски во Основниот суд Скопје 2, денеска на предлог на тужениот Николовски беа читани текстови и наслови од Курир, Нетпрес, Денешен, Инфомакс и други, за „кланот Заев“, за бизниси и зделки на Вице Заев, обвинувања и написи за наводни криминални тендери.
Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, го тужи Николовски за телефонска изјава во телевизиска дебата, каде прашан што се западни вредности за ВМРО-ДПМНЕ, тој вели дека сигурно не се наместени тендери за братот на премиерот Вице Заев.
Се читаше наслов од Инфомакс за општинско земјиште во Струмица, чиј краен сопственик бил Вице Заев. Потоа серија текстови за тендери, што според овие медиуми, ги добивал Вице Заев, па како станал главен бизнис фактор во државата, за фирмите на Заев наводно со годишен профит од 2 милиони евра и други текстови од Курир, Лидер и други медиуми.
А од Либертас беше пренесена изјава од Николовски: „Под ниво ми е да му се извинам на Вице Заев“, откако тој претходно му дава рок од 3 дена да докаже дека добива наместени тендери.
„Изјавата дека со наместени тендери и бизниси тужителот Вице Заев станал главен бизнис фактор во државата е измислица и целта е да му се нанесе штета на честа и угледот на тужителот, но и навреда и штета и на членовите на неговото семејство“, рече адвокатот на Вице Заев.
Вице не дојде на денешната расправа, што е негово право како тужител додека тужениот, мора да присуствува.
„Останувам на одговорот на тужбата. Мојата изјава е дадена како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Изјавата е дадена за да се упати критика на Владата предводена од СДСМ, со оглед на се поголемите критики во јавноста, а не да навредам некого. Делот во изјавата за наместени тендери не се однесува на Вице Заев, туку на работата на Владата. Работа на опозицијата е да ја критикува власта“, рече Александар Николовски.
Тоа што сум го кажал, сум го прочитал претходно во медиумите и сум имал причина да поверувам во пишуваното, дополни тој.
Но, на ова адвокатот рече:
„Објавените текстови што ги цитира тужениот Николовски не се релевантен извор. Требало да ги даде и да ги провери барем кај надлежен орган да види дали се вистинити. Николовски не ја докажа вистинитоста на фактите изнесени во неговата изјава“.
Пресудата судијката Кети Германова ќе ја изрече на 22 април 2019 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА