ТОЛКУ БЕШЕ БРЗ И СИЛЕН ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС”, ШТО ЗАТЕКНАВ ТЕЛО НА СТОЛЧЕ СО ПРСТИТЕ НА МАСА, А ДРУГО ПОТПРЕНО НА СТОЛБ, СВЕДОЧИ ПОЖАРНИКАР

    ТОЛКУ БЕШЕ БРЗ И СИЛЕН ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС”, ШТО ЗАТЕКНАВ ТЕЛО НА СТОЛЧЕ СО ПРСТИТЕ НА МАСА, А ДРУГО ПОТПРЕНО НА СТОЛБ, СВЕДОЧИ ПОЖАРНИКАРБлагојчо Паунов, пожарникар во Кочанската пожарна, сведочеше дека по добиениот повик во 2.35 часот на 16 март 2025 година, тој и колегата стигнале во „Пулс” за пет минути. (Фото: СДК.МК)

    Големиот судски процес за пожарот во Кочани, продолжи со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, кое според редоследот на обвинетите во обвинението, стартува со докажување вина на сопственикот на дискотеката „Пулс” во однос на супстандардните услови во неа кои доведоа до катастрофата, но и за пропустите на членовите на обезбедувањето на агенцијата „Рубикон“, кои не ја насочиле толпата луѓе кон единствената врата низ која можело да се излезе, пуштиле малолетниците внатре, дозволиле ненормална гужва итн.

    Благојчо Паунов, пожарникар во Кочанската пожарна, сведочеше дека по добиениот повик во 2.35 часот на 16 март 2025 година, тој и колегата стигнале во „Пулс” за пет минути.

    „Кога дојдовме, многу тела имаше пред дискотеката. Но, и многу лица беа заглавени на влезната врата. Лицата беа испреплетени, тешко ги влечевме. Побаравме од полицијата да пратат луѓе да помогнат. Во мешовити тимови, почнавме да ги извлекуваме децата. За полесните во тежината одеше лесно, за покрупните беше потешко. На некои не им работеа нозете од што беа во шок, па ги носевме во раце. Дојде екипа на Брза помош. Се носеа деца во болницата, со што се стигне. Рекоа има заглавени во билетарата. Влегов таму, најдов над 10 деца кои не даваа знаци на живот. Викнав помош. Ги изнесувавме надвор за реанимација. Од внатрешната стана пред една врата, имаше многу заглавени деца кои бараа помош. Претходно видов повеќе натрупани деца пред вратата на тоалетот. Рекоа има уште во вецето. Бев изнемоштен. На крајот на интервенцијата ги извадивме последните лица кои беа изгорени. Ги ставивме на паркингот“, сведочеше тој.

    По овој исказ се слушна плачење во публиката.

    Сведокот кажа дека приоритет им било да спасуваат човечки животи, а и секако немало простор да се пушти линија (црево со вода), додека не се ослободи влезната врата. Кога била ослободена, видел дека горел само шанкот, од алкохолот.

    Дури во 4 часот бил пожарот локализиран.

    На вкрстено прашање на адвокатката на обвинетиот газда на „Пулс” Дејан Јованов-Деко, тој одговори дека не можеле на пристапот да се разминат две пожарни коли зашто биле паркирани колите на гостите на концертот на музичката група „ДНК“, но и да не биле таму паркирани, едвај би се разминале.

    Адвокатот на обвинетите членови на обезбедувањето Лазар Захариев и Стојан Захариев, во вкрстени прашања доби одговор дека неговите клиенти учествувале во извлекувањето на заглавените деца внатре во пожарот.

    „Учествувавме во тимови, не би издвојувал никого посебно”, додаде сведокот.

    Драган Апостолов, пожарникар-командир на истата противпожарна единица во Кочани, го опиша истиот ужас кога отишол во зачадената и изгорена дискотека. За една девојка на која екипите пробале да ѝ дадат вештачко дишење, медицинско лице им рекло: „Мртва е”.

    Внатре имало ненормално висока температура. Најголема концентрација на заглавени, починати и повредени лица имало во ходникот зад влезната врата.

    Внатре горел плафонот, дел од шанковите. Глетката била страшна: три целосно јагленосани тела, едното се држи за маса, другото потпрено за столб, третото легнато со двете раце нагоре.

    „Толку многу беше висока температурата внатре, што и преку опрема добив изгореници и големи пликови по рацете, а не ме фати огнот”, рече сведокот.

    Тој внатре видел расфрлани противпожарни апарати.

    Судењето продолжува со сослушување на преживеано девојче таа ноќ кога во пожарот поради палење на пиротехника во нестандардни услови во импровизираната дискотека „Пулс” која работела со фалсификувана лиценца, загинаа 63 млади луѓе, малолетници и неколку деца.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира