ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ ПРИЗНА ВИНА И МУ СЕ ИЗВИНИ НА БРАНКО ТРИЧКОВСКИ ЗА ЗАКАНИТЕ ДЕКА ЌЕ ГО УБИЕ „БЕЗ ОКО ДА МУ ТРЕПНЕ“

    ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ ПРИЗНА ВИНА И МУ СЕ ИЗВИНИ НА БРАНКО ТРИЧКОВСКИ ЗА ЗАКАНИТЕ ДЕКА ЌЕ ГО УБИЕ „БЕЗ ОКО ДА МУ ТРЕПНЕ“Nа 16 јуни 2017 година на својот фејсбук профил Михајловски напиша: „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми боже“.(Фото:СДК.МК)

    Актерот Тони Михајловски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Основниот суд Скопје 1 ја призна вината за јавната закана на својот фејсбук профил на 16 јуни 2017: „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми боже“. Патем, на денешното рочиште, тој му се извинил на новинарот Тричковски.

    „Истовремено, Михајловски и неговиот адвокат ветија дека тој никогаш повеќе нема да стори дело за кое денеска беше суден и какви било други кривични дела. Мојата малeнкост сметаше дека е тоа доволна сатисфакција.Му пружив рака на Михајловски, се откажав од натамошен прогон и какви било оштени барања. Пресудата ќе биде дополнително објавена, но веќе сега е јасно дека со оглед на горните околности, Михајловски ќе ја добие најблагата казна. Јас сум задоволен, а колку што можев да забележам, сите во судницата беа задоволни. Тони, од разбирливи причини, посебно“, напиша денеска оштетениот Тричковски.

    Тричковски додава:„Не е убаво да се тепаме по секоја цена, ако имаме правна и морална сатисфакција. Освен тоа, мораме да ги ослободуваме капацитетите на судот и на обвинителството за важните процеси кои ќе не одведат кон општествена рехабилитација низ правото“, вели Тричковски.

    Скопското обвинителство во октомври 2018 година поднесе обвинителен предлог против актерот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Тони Михајловски, за сторено кривично дело Загрозување на сигурноста според член 144 став 4 од Кривичниот законик, поради заканата за убиство на новинарот, објавена на Фејсбук. За ова дело е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна.

    Во јуни 2017, на заканата на Михајловски со остра осуда реагираше и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и најави дека до Јавното обвинителство ќе достави писмено барање за кривично гонење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира