ТРАДИЦИЈА НА НАСИЛСТВО ВО МАКЕДОНИЈА ИМАЛО ОД 1941-44, МИЛКОВ НЕКА ОДИ ВО ВАТАША ДА ЈА ВИДИ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ СПОМНУВАЈЌИ ГО СТРЕЛАЊЕТО НА ВАТАШКИТЕ МЛАДИНЦИ ОД БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИ

    ТРАДИЦИЈА НА НАСИЛСТВО ВО МАКЕДОНИЈА ИМАЛО ОД 1941-44, МИЛКОВ НЕКА ОДИ ВО ВАТАША ДА ЈА ВИДИ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ СПОМНУВАЈЌИ ГО СТРЕЛАЊЕТО НА ВАТАШКИТЕ МЛАДИНЦИ ОД БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИТаа изјава е прилично грозна... бугарскиот технички министер може да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција, рече Пендаровски. (Фото: Претседател на РСМ)

    Изјавата на бугарскиот технички министер Николај Милков, дека во Македонија се враќаат црни традиции на палење, стрелање и насилство, единствено може да биде точна ако мисли на периодот 1941-44, рече претседателот Стево Пендаровски на новинарско прашање за коментар по денешната седница на Советот за безбедност.

    „Таа изјава е прилично грозна. Единствено таа изјава може да биде точна ако мисли на периодот 1941-44, и кога ќе има слободно време бугарскиот технички министер може да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција“, рече Пендаровски, спомнувајќи го селото Ваташа каде на 16 јуни 1943 бугарската фашистичка окупаторска војска стрелаше 12 младинци од ова село.

    Вчера во Софија, Милков заедно со министерот Бујар Османи во болница го посетија секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кој беше нападнат и повреден на 19 јануари, а потоа со бугарски владин авион пренесен на лекување во бугарскиот главен град. По посетата, стоејќи покрај Османи, Милков изјави:

    „Момчето настрада заради своите идеи. Еден маж со кауза која што ја застапува. Ситуацијата не треба да продолжи на овој начин. Треба да се стави крај на атмосферата на неказнивост која што раѓа и ново насилство. Тука сум да кажам ‘не’ на враќањето на тие црни традиции кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе. За такво нешто нема место во Европа“.

    Османи не рече ништо за ваквите обвинувања од бугарскиот колега и кажа дека во Македонија ќе има нула толеранција за насилство и зборуваше за позитивна агенда на двете влади.

    Пендаровски кажа дека министерот за надворешни работи Осман е вистински европеец затоа што останал смирен по навредите за Македонија од бугарскиот колега Милков.

    „Никој не може да му забeлежи на Бујар Османи за она што го говореше среде Софија. Треба да бидете стварно европеец, да останете со вокабуларот и однесувањето демократ на онакви страшни квалификации за вашата држава“, кажа Пендаровски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира