Бирото за јавни набавки во четвртокот на 18 мај објави дека компанијата на Сеад Кочан „Трансмет“, чии што сметки се блокирани на барање на СЈО, повторно добила тендер кај ЕЛЕМ.
Во огласот стои дека „Трансмет’ е носител на набавката во која ЕЛЕМ бара услуга од градежна механизација, односно булдожери, камиони, цистерни и дигалки, со вкупната вредност на договорот од 155 милиони денари или 2,5 милиони евра. Покрај „Трансмет“, што со тендерот ќе заработи 9,4 милиони денари, има уште четири други фирми.
Иако договорот беше објавен во четвртокот на сајтот за јавни набавки, од ЕЛЕМ тврдат дека целата постапка за огласот почнала во 2016 година и завршила во јануари оваа година. Од таму не појаснуваат како оваа набавка ќе се реализира, со оглед на тоа што целиот имот и сметките на фирмата на Кочан се замрзнати од судот по барање на СЈО.
Договорот трае една година, со важност од април 2017 и треба да заврши во април следната година.
„АД ЕЛЕМ спроведува постапки за јавни набавки согласно Законот за јавни набавки и тие се во целост транспарентни и недискриминаторски за сите учесници. Сите економски оператори имаат еднаков третман, впрочем, како што децидно е предвидено во законската регулатива. Како договорен орган, АД ЕЛЕМ, има обврска во целост да го почитува законот за јавни набавки и компанијата при спроведување на секоја постапка исклучиво се води според тој Закон, избира економски оператори кои ги исполнуваат условите предвидени во тендерската документација и имаат најповолни понуди“,изјавија од ЕЛЕМ.
Од државната компанија велат дека „Трансмет“ до сега не бил вклучен и не му се исплатени пари. Како и на сите изведувачи, исплатата ќе биде по завршената работа, со тоа што не мора да му биде исплатена целата сума од договорот, туку по агажман.
Специјалното јавно обвинителство не сакаше да го коментира случајот со најновата јавна набавка.
Во феврури оваа година СЈО отвори истрага против правните лица Трансмет, Силекс Неметали и ВАТО од Студеничани за фалсификувани документи за учество на тендер на ЕЛЕМ. Обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференција изјави дека ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра. Тендерот се однесуваше за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.
На газдата на Сеад Кочан кој два месеца беше избеган минатиот петок Врховниот суд му го укина притворот. На повтореното судење во Кривичниот суд во понеделникот, судија на претходна постапка на Кочан му побара гаранција од речиси 900.000 евра за да се брани од слобода и му го одзеде пасошот. Барањето на СЈО за притвор не беше прифатено, поради влошена здравствена состојба на осомничениот, кој откако му беше укинат притворот се јавил за интервенција на државната клиника за кардиологија во Скопје.