ТРЕТАТА ДОЗА НА КОВИД ВАКЦИНАТА ПРЕПОРАЧАНА ЗА СИТЕ КОИ МОЖАТ ДА СЕ ЗАРАЗАТ НА РАБОТНОТО МЕСТО

    ТРЕТАТА ДОЗА НА КОВИД ВАКЦИНАТА ПРЕПОРАЧАНА ЗА СИТЕ КОИ МОЖАТ ДА СЕ ЗАРАЗАТ НА РАБОТНОТО МЕСТОТретата доза веќе ја примиле 329 лица (Фото: СДК.МК)

    Комисијата за имунизација предложи проширување на категориите граѓани кои треба да ја примат третата доза на ковид вакцината. Покрај лицата над 60 години, сите здравствени работници и оние со хронични болести, третата доза им се препорачува и на лицата кои би можеле да бидат изложени на вирусот преку своето работно место.

    „Третата доза ќе можат да ја добијат сите граѓани кои се изложени на ризикот од зараза на своето работно место, без разлика на возраста и дали имаат или немаат хронични здравствени состојби. На овој начин ги следиме препораките од други европски земји и САД“, кажа министерот за здравство Венко Филипче.

    Третата доза веќе ја примиле 329 лица. Заклучно со 2 октомври, во Македонија се вакцинирани 789.802 граѓани (47%), а 734.023 примиле по две дози (44%).

    Во моментов има 260.000 дози вакцини на „Фајзер“, 45.000 дози од „Синовак“ и 100.000 дози од „АстраЗенека“. Почнувајќи од денеска, вакцинацијата во Скопје се довива во 7-те поликлиники, во две смени работат поликлините во Букурешт, Јане Сандански и Чаир. Во една смена работат поликлиниките во Ѓорче Петров, Драчево, Ченто и Шуто Оризари. Секаде без закажан термин може да се прими вакцина, ревакцина или трета доза.

    Според последната анализа, 77% од новите случаи и 79% од хоспитализираните со ковид-19 се невакцинирани, дури 85% од смртните случаи во период од 6 август до 26 септември биле невакцинирани.

    „Постои голема разлика помеѓу општините. Најмногу вакцинирани со две дози има во Вевчани – 72,3%, а над 60% се во Гевгелија, Демир Капија, Кавадарци, Неготино и Охрид. Под 30% се во Липково, Македонска Каменица и Ново Село“, кажа Филипче, додавајќи дека државата има на располагање околу 400.000 вакцини.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира