Мултисекторска група составена од министерствата за образование, здравство и труд и социјална политика ги разгледуваат можностите како вакцинацијата да биде задолжителен услов за упис на децата во градинка или во училиште.
Оваа инцијатива беше потегната откако во детската градинка во скопската населба Радишани беа регистрирани четири заболени деца од мали сипаници, како и еден возрасен, а пред два дена регистрирано е уште едно заразено дете од морбили.
Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизација при Министерството за здравство во Радишани прогласија епидемија и донесоа одлука за задолжителна вакцинација на сите деца од 6 месеци до 14 години.
Теренската контрола на Институтот за јавно здравје покажа дека 104.800 деца колку што има во Скопје, 15.000 деца на возраст до 14 години се невакцинирани.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека групата ќе работи до крајот на неделата за да најдат начин за промени во законите и правилниците, за да можат да ги заштитат децата.
„Бројките се загрижувачки, дури 50 отсто од децата родени во 2017 година не се вакцинирани, а 2016 година 30 отсто не се вакцинирани. Тоа сериозно укажува на влијанието на антивакцинални кампањи. Од децата во прво одделение околу 20 отсто не се вакцинирани, што исто така сериозно загрижува. Примовакцината е таа која го создава имунитетот. Преземаме мерки, во рамки на тоа како е структуиран системот, со повици до родителите да ги вакцинираат децата. Мултисекторска група од Министерствата за здравство, Министерството за образование и Министерството за труд и социјална политика ќе работи до крајот на неделата за да се најде начин за измама во правилниците и законите. Никој нема право да влијае на децата и да го загрозува нивното здравје, а ние сакаме здрави деца“, рече Филипче.
Градинката во Радишани две недели е затворена, а д-р Владимир Микиќ, од Институтот за јавно здравје, на вчерашната прес конференција рече дека од 60 деца од оваа градинка кои биле повикани на вакцинација родителите донеле само 12.
Пред три дена директорот на Здравствен дом Скопје Злате Мехмедовиќ кажа дека за четири дена во пунктовите за имунизација биле вакцинирани 220 деца.
Е. БОЧВАРОСКА