Премиерот Зоран Заев вели дека преговарачкиот процес меѓу Македонија и Грција околу спорот за името почнал вчера со средбата на министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас со посредникот Метју Нимиц во Виена, каде што биле отстранети три од седумте појдовни точки.
„Во суштина, вчера почна преговарачкиот процес, досега беа презентирани позициите на двете страни. Не очекувавме премногу. Медијаторот Нимиц го води процесот, тој ги знае работите кои што можат да поминат и кои не можат да поминат кај двете страни. Разглобени се сите отворени прашања. Ако тргнеме од некои седум позиции кои беа појдовни точки, знам дека тоа е веќе намалено на четири позиции. Три се веќе отклонети. Република Македонија сака решение, се обидуваме да градиме внатрешен консензус и сме оптимисти за наоѓање на решение“, кажа Заев за време на денешната посета на Неготино.
Министерството за надворешни работи вчера кусо соопшти дека Димитров и Коѕијас се согласиле да ги продолжат напорите под покровителство на ОН за наоѓање на заедничко прифатливо решение за надминување на разликата околу името по нивната средбата со Нимиц во Виена.