За време на протестите на транспортерите тројно бил зголемен авионскиот карго транспорт на Скопскиот аеродром. Од 26 јануари до 1 февруари кога возачите на камиони од земјите на западен Балкан ги блокираа граничните премини кон Грција, Бугарија, Хрватска и Унгарија протестирајќи за новите правила на Европската Унија за престој, на Скопскиот аеродром биле транспортирани 191.263,14 килограми стока. Една недела порано односно од 19 до 25 јануари кога транспортерите нормално си возеа, преку авионски карго-транспорт биле пренесени 79.828,73 килограми стока.
Од протестите беа загрозени испораките на македонските производители кон нарачатели во странство. Производителите барале алтернативен начин на транспорт што тројно ги зголеми трошоците, па некои предупредија ако продолжат блокадите кон земјите на ЕУ ќе мора да ги затворат тукашните фабрики.
„Од пренесени 79.828,73 килограми стока, 58.325,80 килограми се увоз, а 21.502,93 килограми се извоз. Следната недела авионски биле транспортирани 191.263,14 килограми стока, 68.453,81 килограми се увоз, а 122.809,33 килограми се извоз“, велат од ТАВ Македонија.
Оттаму додаваат дека во периодот од 27 јануари до 4 февруари, реализирани се 35 карго летови, што во просек изнесува околу четири летови дневно. Од нив, седум летови се редовни линии на ДХЛ Експрес, додека сите останати се вонредни чартер летови.
За време на тој период на Скопскиот аеродром можеа да се видат и најголемите џамбо авиони кои ретко слетуваат тука.
Во јануари 2025 година, вкупниот авио-карго транспорт изнесувал 426.157 килограми, додека во јануари 2026 година биле транспортирани 412.905 килограми стока.
Транспортерите од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина од 26 јануари ги блокираа граничните премини по одлуката на ЕУ од 1 април престојот да им се ограничува од 90 од 180 дена. По неколку дена протести тие беа прекинати откако министерот за транспорт и врски Александар Николоски кажа дека проблемот е решен. Со претставниците на Европската комисија било договорено со виза добиена од една земја членка на Европската унија (ЕУ) транспортерите да можат да возат во Шенген зоната без органичување на денови за престој.
А. АНТЕВСКА
