Помина цела година откако се урна дел од потпорниот ѕид зад Клиниката за детски болести во Скопје, а тој сѐ уште не е ниту саниран, ниту се знае кога ќе биде саниран, ниту пак зошто не се решава проблемот.
Ѕидот се урна на 10 јуни лани, и по неколкумесечни преговори која институција е надлежна за интервенцијата, на 31 октомври лани Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека Министерството за здравство треба да почне со изградба на ограден/потпорен ѕид зад Клиниката.
На 28 мајгодинава испративме прашања до Министерството за здравство, но до денес не добивме одговори зошто не е саниран потпорниот ѕид и во која фаза е тендерската постапка.
Уште лани во преговорите кој е надлежен за ѕидот и кој треба да го санира учествуваа преставници на Министерството за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекцискииот совет, Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи (ЦУК)
Последната информација која ја добивме од Министерството за здравство беше во февруари, кога ни рекоа дека изготвиле информација до Владата, со која се предвидува повеќегодишна јавна набавка за изведба на потпорен ѕид кај Детска клиника, во вкупна вредност од 18.7 милиони денари, (над 306 илјади евра).
„Иако оштетувањата на ѕидот се настанати поради неисправност на инсталациите за одвод на атмосферски води, имајќи предвид дека станува збор за ограден ѕид на јавна здравствена установа, Министерството за здравство презеде иницијатива да спроведе јавна набавка за изготвување основен проект и да подготви тендерска документација за јавна набавка за избор на изведувач и надзор на работите при што новиот ограден ѕид би се извел согласно донесената планска документација. По усвојување на информацијата на Влада, Министерството ќе подготви тендерска документација и ќе објави оглас за реализација на повеќегодишната јавна набавка. Покрај потпорниот ѕид, предвидено е поставување нови и санирање на постојните инфраструктурни водови, како и соодветно поставување на останатите инсталации“, рекоа д Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК во февруари.

Никој не кажува кога ќе биде саниран срушениот ѕид. Фотографијата е направена на 27 мај годинава. (Фото: К. Попов)
Од Владата тогаш ни одговорија дека „оваа информација сѐ уште е во владина процедура, кога ќе се поминат сите законски предвидени постапки и ќе се обезбедат соодветните мислења од институциите, Владата ќе ја информира јавноста“.
Лани на состанокот на ЦУК на 17 јуни, Драги Тарчуговски, државен советник во институцијата, кажа дека урнатиот потпорен ѕид зад Детската клиника во Скопје треба да го поправи Министерството за здравство, бидејќи е ограда на еден објект од комплексот универзитетски клиники. На тој состанок немаше претставник од Министерството за здравство.
На средбата во октомври, присуствуваа сите поканети претставници, и тоа од Министерство за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекциски совет, Министерство за внатрешни работи и вработените од ЦУК, Тарчуговски и лица од Секторот за операции и координација на ЦУК, коишто непосредно се ангажирани за конкретната проблематика за координација за решавање на опасноста.
„Министерството за здравство, согласно решението и заклучокот од градежниот инспектор на Општина Центар да започне со изградба на ограден/потпорен ѕид како привремено решение, а Град Скопје да изработи динамика и да започне активности за изработка на нов сообраќаен проект во координација со СВР Скопје со којшто би се редуцирало движењето на тешки товарни возила. Истовремено при активностите за изградбата на потпорниот ѕид, Град Скопје ќе организира пресадување на дрвјата на трасата на улица Белградска, а за трајно, долгорочно, решавање на проблемот, Град Скопје е потребно, во координација со останатите надлежни институции, да изготви нова хидролошка студија и студија за заштита на подземните води на падините на Водно, врз основа на којашто би се преземале трајни мерки за изградба на нова улица со потребната каналска мрежа и нејзино асфалтирање“, беа дел од заклучоците.
Уште лани на 10 јуни, тогашниот директор на ЦУК, Стојанче Ангелов кажа дека под улицата Белградска постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не може да се утврди. Не ја собират подземната вода која доаѓа од падините на Водно и избива во самиот ѕид и со тоа дополнително ја нарушува стабилноста на ѕидот, но и на улицата.
„Долгорочно проблемот е многу посериозен и поголем доколку опфаќа целосно зафаќање на подземните води, затоа што дел од каналската мрежа е изградена во 1950-тите години и е уништена, затрупана, а дел се одржуваат. Целосно одржување на тој систем во моментов не е можен, поради што е потребна реконструкција и изградба на целосно нов систем, што е долгорочно решение, кое би траело со години, можеби и цела деценија. Но тоа е државен проблем кој ќе се решава во иднина. Што можеме да направиме акутно и веднаш. Тоа е поправка на оградата која е во надлежност на Министерството за здравство, бидејќи е ограда за еден објект. И тоа ќе се реши во наредниот период од Министерството“, кажа Тарчуговски на 17 јуни.
Б. НЕСТОРОСКА