ЦЕЛИОТ СИСТЕМ МОРА ДА СЕ КОНСОЛИДИРА, РЕЧЕ СПАСОВСКИ ПО ИЗЈАВАТА НА АГЕЛЕР ДЕКА ДРЖАВАТА НЕ УСПЕАЛА ДА Ѝ ПОМОГНЕ НА ВАЊА ЗАШТО ДОЗВОЛИЛА КРИМИНАЛЦИ СЛОБОДНО ДА СЕ ДВИЖАТ

    ЦЕЛИОТ СИСТЕМ МОРА ДА СЕ КОНСОЛИДИРА, РЕЧЕ СПАСОВСКИ ПО ИЗЈАВАТА НА АГЕЛЕР ДЕКА ДРЖАВАТА НЕ УСПЕАЛА ДА Ѝ ПОМОГНЕ НА ВАЊА ЗАШТО ДОЗВОЛИЛА КРИМИНАЛЦИ СЛОБОДНО ДА СЕ ДВИЖАТМора сите да се бориме кон тоа да не оставаме поединци во системот со корупција да го нарушуваат, рече министерот Спасовски. (Фото: СДК.МК)

    Целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, судењата и извршувањето на санкциите. Да не ни се случува кога ќе приведеме некои лица во МВР за кратко време да ги видиме дома или без одредување соодватни мерки или неизвршување на санкции, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговрајќи на новинарско прашање во Битола за тоа како ја коментира изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека поради неказнивоста на криминалците кои години дејствувале, а не биле гонети, нити затворени, системот не успеа да ѝ помогне на 14-годишната Вања Ѓорчевска, која беше киднапирана и убиена во Скопје.

    „Тоа јас многу често го говорев досега и кога зборував за неказнивоста на сите оние кои ја пљачкаа државата и го уништуваа народот во изминатиот период и беа главни во општеството без да сносат одговорност. Сето тоа мора да го прифатиме како состојба која мора да се менува. Менувањето и консолидацијата на системот мора да се прави брзо и ефикасно. За граѓаниот е важно криминалците од првиот момент кога ќе бидат приведени да има една траекторија во која ќе знаат дека дошло до извршување на санкцијата или до одемање на имотот стекнат на криминален начин. Само тогаш ќе бидиме сигурни ако имаме брза правда“, рече Спасовски.

    Запрашан дали и МВР се препознава во коментарот на амбасадорката која вели „институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат што можеле да сторат за да ја спасат оваа млада девојка“, Спасовски рече: „ Ако е системот неконсолидиран, тоа значи дека тој систем го сочинуваме сите ние и институции и граѓани, па мора да се јакне јавната свест, да биде пријавено насилството и мора сите заедно да се бориме кон тоа да не оставаме поединци во системот со корупција да го нарушуваат“, рече министерот Спасовски.

    Вања беше грабната во влезот на нејината зграда на 27 ноември и убиена два и пол часа подоцна. На 22 ноември во Велес беше убиен 74-годшниот Панче Жежовски. Првоосомничен за убиствата е Љупчо Палевски-Палчо, кој е во екстрадициски притвор во Турција, а во притвор во Скопје се тројцата соучесници во убиството, како и таткото на Вања. Палевски, со долга криминална историја и кривични пријави од даночно затајување до нелегално носење оружје и прислушување, е претседател и на партијата Десна, а тројца од притворените му се сопартијци.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира