Цената на течниот нафтен гас (ТНГ) не се намалува паралелно со цените на бензинот и дизелот, кои што од октомври наваму се во надолна линија поради намалувањето на цената на нафтата и природниот гас на светските берзи.
Цената на ТНГ, популарно наречен автоплин, и во октомври и сега изнесува 48 денари за литар, а неколку месеци во меѓувреме беше и 50 денари.
Оттогаш, цената на дизелот падна од 103,5 денари за литар на 72 денари, додека цената на бензинот падна од 89 денари за литар на 82. Кога беа најскапи бензинот и дизелот, во јуни минатата година и нивната цена беше 110 денари за литар, цената на плинот беше 53 денари.
За разлика од бензинот, дизелот, маслото за горење и мазутот, за цената на плинот не е надлежна Регулаторната комисија за енергетика и таа се одредува слободно на пазарот. Неофицијално, извори од регулаторното тело велат дека цената на ТНГ нема да го следи движењето на цената на нафтата и природниот гас на светските берзи сè додека останува на нерегулираниот пазар во земјава.
Ваквата состојба е уште од купопродажниот договор за рафинеријата ОКТА во 1999 година со кој беше предвидено плинот да не се регулира, а потоа врз основа на тој договор ова гориво останато е нерегулирано и во Законот за енергетика.
Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во Македонија најмногу се вози на дизел, потоа на бензин, а на плински погон се околу 12 илјади автомобили.
Пред две години Владата даваше субвенции до 300 евра за вградување плински уред во возилата. Владината мерка беше со цел намалување на загадувањето на воздухот и опфати 600 граѓани.
М. ИЛИОСКИ