ЦЕНТАРОТ ЗА СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ ИЗБРАН КАКО ЕДИНСТВЕН ОВЛАСТЕН ИСПИТЕН ЦЕНТАР ЗА ИСПИТИТЕ НА БРИТАНСКИОТ СОВЕТ

    ЦЕНТАРОТ ЗА СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ ИЗБРАН КАКО ЕДИНСТВЕН ОВЛАСТЕН ИСПИТЕН ЦЕНТАР ЗА ИСПИТИТЕ НА БРИТАНСКИОТ СОВЕТДоговорот беше потпишан на 20.09.2022 од страна на Фанија Смичковска, директор на Центарот за странски јазици - Скопје и Кешав Средхаран, регионален директор за испити при Британскиот совет. (Фото: Центар за странски јазици)

    Центарот за странски јазици – Скопје од септември 2022 година е единствен овластен испитен центар во Македонија за испитите ИЕЛТС (IELTS), Аптис (Aptis) и АЦЦА (ACCA) кои претходно беа администрирани од страна на Британскиот совет во Македонија.

    Испитниот центар во просториите на Центарот за странски јазици веќе е основан во соработка со Британскиот совет и на кандидатите им овозможува професионални услови при полагањето испити. Првата испитна сесија за ИЕЛТС се одржа на 1 декември, а редовно се одржуваат и испитните сесии за Аптис и АЦЦА. Испитите се изведуваат неколку пати во месецот според однапред објавен распоред кој за јавноста е достапен на moj.csj.edu.mk.

    „Откако се наложи потребата за избор на овластен испитен центар, беше неопходно да се одбере институција која веќе докажано работи според светски стандарди, високи критериуми и строги протоколи за спроведување испити. Квалитетот во работата, посветеноста, стручноста и подготвеноста со кои се одликува Центарот за странски јазици, заслужено го вброија меѓу испитните центри на Британскиот совет на светско ниво“, велат од Центарот за странски јазици.

    Договорот беше потпишан на 20.09.2022 од страна на Фанија Смичковска, директор на Центарот за странски јазици – Скопје и Кешав Средхаран, регионален директор за испити при Британскиот совет. На средбата по повод потпишувањето на договорот присуствуваа и Асли Јенисехирли, регионален менаџер за комерцијален развој, Елеонора Запрова, директор на Британскиот совет во Македонија и Весна Петровска, директор за настава во Центарот. При својата последна посета, директорот на Британскиот совет за Западен Балкан, Питер Браун, ја информираше јавноста дека испитите за јазична компетенција ќе продолжат да се изведуваат во партнерство со Центарот за странски јазици – Скопје.

    ИЕЛТС (IELTS) е најпопуларниот тест за англиски јазик во светот и е прифатен во повеќе од 140 земји и над 11.000 организации. Сертификатот е признаен и во Обединетото Кралство, Австралија и Нов Зеланд.

    Аптис (Aptis) е тест за веродостојна проценка на вештините по англиски јазик, креиран од релевантни експерти од Британскиот совет, а го користат владините институции и организации на повеќе од 85 држави за утврдување и унапредување на стандардите за англискиот јазик.

    АЦЦА (ACCA) е испит на Асоцијацијата за лиценцирани сметководители, најголемото и најбрзо растечко меѓународно тело за сметководители, броејќи повеќе од 300,000 студенти и членови во 160 земји.

    Пријавувањето за испитите се прави на апликацијата moj.csj.edu.mk во делот Меѓународни испити, а за повеќе информации за испитите, датумите и начинот на пријавување се обраќате на [email protected] или на 075 282 604 секој работен ден од 10:00 до 14:00.

    Центарот за странски јазици е основан во 1954 година и како училиште со најдолга традиција во организирање курсеви за странски јазици овозможува подготовка за испитите со цел кандидатите да ги постигнат посакуваните резултати.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира