Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со кого ќе разговараат за политичката криза во Македонија по изборите од 11 декември и заканата од илегалната миграција, велат од кабинетот на Иванов.
Туск ќе престојува неколку часа во Скопје и ќе има средба само со Иванов во неговиот кабинет. Во 14 часот е закажана тет-а-тет средбата на Иванов и на Туск, а половина час подоцна е пленарниот состанок на двете делегации. Во 15 часот предвидено е двајцата да дадат изјави за медиуми. Во 15.30 часот е предвиден работен ручек, на кој освен Иванов и Туск ќе бидат и членовите на делегациите.
Македонија е единствената земја од балканската турнеја на неформалниот претседател на ЕУ, што не е членка на Унијата.
Пред Скопје, утринава Туск ќе ја посети Словенија, каде ќе се сретне со претседателот Борут Пахор и премиерот Миро Церар. По Скопје, пак, Туск ќе замине на вечера со бугарскиот претседател Румен Радев, а во Бугарија ќе престојува и утре. Мини балканската турнеја ја завршува задутре во Грција. И таму ќе се сретне и со претседателот Прокопис Павлопулос и со премиерот Алексис Ципрас.
Туск доаѓа две недели по посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, кој не се сретна со Иванов и не успеа лично да му ги пренесе пораките да се почитува парламентарното мнозинство и да не се поттикнуваат меѓуетнички тензии.