ТУЖБАТА НА АХМЕТИ И ЏАФЕРИ ПРОТИВ БОГОЕВСКИ Е ДОКАЗ ДЕКА ПРОДОЛЖУВА ПОЛИТИЧКОТО СИЛУВАЊЕ НА СУДСТВОТО, ВЕЛИ АДВОКАТОТ НА ЕКСРАЗУЗНАВАЧОТ

    ТУЖБАТА НА АХМЕТИ И ЏАФЕРИ ПРОТИВ БОГОЕВСКИ Е ДОКАЗ ДЕКА ПРОДОЛЖУВА ПОЛИТИЧКОТО СИЛУВАЊЕ НА СУДСТВОТО, ВЕЛИ АДВОКАТОТ НА ЕКСРАЗУЗНАВАЧОТЕксразузнавачот Слободан Богоевски по денешното рочиште во Основниот суд Скопје 2 на кое му се суди за клевета и навреда по приватна тужба на Али Ахмети и Муса Џафери. (Фото: СДК.МК)

    И покрај тоа што двајцата поранешни директори на „Маѓар телеком“, Елек Штрауб и Андраш Балог, кои беа обвинети во САД дека поткупувале македонски политичари, признаа вина и се спогодија да платат парични казни, лидерот на ДУИ Али Ахмети и високиот партиски функционер Муса Џафери сè уште не ја повлекуваат тужбата против сведокот во Њујоршкиот суд Слободан Богоевски.

    Ексразузнавачот Богоевски денеска се појави на судското рочиште во Основниот суд Скопје 2, на кое му се суди за навреда и клевета по приватни тужби од Ахмети и Џафери кои заедно со експремиерот Владо Бучковски ги посочи како политичарите кои земале мито од „Маѓар телеком“.

    „Ова е беспредметен судски случај и доказ дека продолжува политичкото силување на судството. Се принудува сведок да ја прекрши адвокатската заклетва дека е обврзан на тајност за тоа што го рекле клиентите и кој со налог на заштита е обврзан пред Њујоршкиот суд да не открива што кажал сведокот Богоевски за судската постапка што се водеше во Њујоршкиот суд. А за сведочењето на Богоевски, ако некој смета дека е лажно, пред судот во САД може да поднесе соодветна пријава“, рече адвокатот на Слободан Богоевски, Валентин Зафирoв, кој по денешното рочиште зборуваше место неговиот клиент.

    На денешното рочиште за навреда и клевета на кое Ахмети и Џафери бараат отштета од Богоевски, беше повикан сведокот Билјана Панова овластен полномошник на Комисијата за хартии од вредност на САД, која се повика на член 22 од Законот за парнична постапка и одби да сведочи.

    „За сите дејства што ги имам професионално преземено во својство на адвокат постои обврска да ги чувам како тајна“, рече адвокатката Панова, која на судот и на странките им приложи потврда за налог на заштита потпишан од неа, која ја доставила до Окружниот суд во Њујорк, што е како обврска дека ќе го чува како тајна она што го дознала од исказот на сведокот Богоевски.
    Судењето се одложи за 5 јули, за кога ќе биде повикан како сведок нотарот Сашо Клисаровски, кој го нотирал сведочењето на Богоевски пред полмношникот Панова.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира