Утрово на граничниот премин Блаце уапсен е поранешниот вицепремиер Артан Груби. Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, Груби е уапсен во 06.10 часот на влез во државата.
Артан Груби (48) беше баран со меѓународна потерница откако во декември 2024 година ја напушти државата заминувајќи во Косово по отварање на истрагата за проневера на 8,2 милиони евра од Државна лотарија. За Груби Обвинителство побара притвор за сторено кривично дело Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. Според неговата фејсбук објава на 15 декември 2024, тој рече дека таму е во приватна посета и ќе се врати. Од тогаш беше недостапен на македонските државни органи.Министерството за внатрешни работи на 17 декември 2024 распиша меѓународни потерници по Груби и Бајрам откако Основното јавно обвинителство Скопје достави наредба до МВР за објава на национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница за обајцата,а Основниот кривичен суд Скопје им одреди притвор од 30 дена на двајцата осомничени.
Артан Груби, заедно со судијата Енвер Беџети, на 9 декември 2024 беа ставени на црната листа на американскиот Стејт департмент со образложение дека се вмешани во корупција.
Покрај Груби осомничен во овој случај е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на „Државна лотарија“. Тој како првоосомничен на 09.05.2023 година електронски до Владата на РСМ во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање.
Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42% од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од Собранието на акционери.
„Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД ‘Државна лотарија’ согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, бидејќи уште во 2013 година тоа право го има вложено во Државната видеолотарија – ‘Касинос Аустрија’ ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра за што ‘Државната лотарија’ се стекнала со удел од 51% во основната главнина на друштвото формирано со ‘Касинос Аустрија’“, пренесе Обвинителството детали од истрагата.
Второосомничениот Артан Груби, иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека „Државната лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 06.06.2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Владата во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.
„На седницата била усвоена информацијата и ‘Државната лотарија’ била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали. Потоа првоосомничениот ги донел потребните одлуки, биле спроведени јавни набавки и се склучиле договори со кои е преземена обврска во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали кои согласно закон воопшто не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа. И покрај набавката, тие никогаш не биле ниту ставени во употреба“, кажа во продолжение ОЈО Скопје.
Останатите четворица во овој голем случај на проневера, се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законските услови.



