Возачот на притворениот сопственик на компанијата „Пелистерка“ Цветан Панделески, кој заедно со Орце Камчев и Сашо Мијалков се главните осомничени во истрагата на СЈО „Империја“, ѝ барал 150.000 евра на сопругата на Панделески за да ѝ даде документи со кои наводно ќе го ослободел од притвор нејзиниот сопруг.
Информацијата дека изнудата ја вршел личниот возач на Цветан Панделески, за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврдија извори од Скопското јавно обвинителство.
Тој ѝ се заканил дека ако го пријави оти врши изнуда на 150.000 евра од неа, ќе постави бомба од која ќе настрадаат и нејзините внуци.
Возачот на Панделески е уапсен.
„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Изнуда, предвидено и казниво согласно член 258 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Пријавениот во текот на месец ноември 2018 година упатувал сериозни закани преку телефон на оштетена, тврдејќи дека поседува документи со кои би можел да го извади од притвор нејзиниот сопруг. За да ѝ ги достави тие документи, осомничениот од неа барал да му исплати сума од 150 илјади евра, а истовремено ѝ се заканувал дека доколку пријави ќе постави бомба и дека ‘ќе биде лошо за неа и за нејзините внуци’“, соопшти Скопското јавно обвинителство.
Притоа, осомничениот го искористил фактот што извесен период во текот на 2018 година работел како личен возач на нејзиниот сопруг и имал доста информации за животот на оштетената и нејзините блиски.
Осомниченото лице е лишено од слобода и ќе биде изведено пред судија на претходна постапка, што значи дека за него ќе се бара притвор.
На 9 ноември 2018 година обвинителката од СЈО Лиле Стефанова ја отвори истрагата именувана како „Империја“, против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска – Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Осомничените во „Империја“, според СЈО, испрале најмалку 10,5 милиони евра. Засега, истрагата на СЈО опфаќа 13 луѓе и мрежа на фирми, но специјалната обвинителка Катица Јанева најави дека истрагата се проширува.
Во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку фирми и компании кои биле или се во нивна сопственост.
Судија на претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена на Орце Камчев сопственикот на „Орка холдинг“, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски од вкупно 13 осомничени во „Империја“. По три дена и му го замрзна имотот на Камчев. На 10 декември судот им ги продолжи мерките притворна овие пет лица.
С. К. ДЕЛЕВСКА