УАПСЕНА ЖЕНА ОТИ ЛАЖНО ПРИЈАВИЛА ИСЧЕЗНАТО ДЕТЕ НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР

    УАПСЕНА ЖЕНА ОТИ ЛАЖНО ПРИЈАВИЛА ИСЧЕЗНАТО ДЕТЕ НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАРМВР и Скопското обвинителство утврдиле дека жената поднела лажна пријава. (Фото: СДК.МК)

    Лажна е пријавата за наводно исчезнато дете на Клиничкиот центар, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) кое во координација со Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје утврдиле дека лажната пријава ја поднела жена (Л. А.).  ОЈО Скопје поведе постапка против 23-годишната осомничена за Лажно пријавување кривично дело според член 366 став 1 од Кривичниот законик.

    „Веднаш по добиената пријава, од страна на Единицата за насилен криминал при СВР-Скопје, а во консултација со ОЈО Скопје преземени се соодветни мерки и активности. Направени се детални проверки во системот на Гинеколошко-акушерската клиника Скопје за примени пациенти, и притоа констатирано е дека Л. А. последен пат е хоспитализирана во 2019 година. Исто така направени се проверки во системот на Детска клиника и притоа не е забележано новородено дете како што пријави Л. А. Направени се проверки во ординацијата на матичниот лекар на Л. А. и притоа констатирано е дека таа била на преглед на 08.03.2023 година каде што од страна на докторот е констатирано дека Л. А. не е трудна. Извршен е разговор со докторот и од прибраните докази е констатирано дека пријавата на Л. А. е лажна“, вели МВР и додава дека во консултација со дежурен јавен обвинител Л. А. е лишена од слобода и задржана во полициска станица за понатамошно постапување.

    Од Обвинителството велат дека осомничената, на 24 ноември лажно пријавила друг дека сторил кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност. Таа пријавила дека на 11 јули се породила со машко дете на Гинеколошко-акушерска клиника (ГАК) – Скопје. Детето било хоспитализирано во Клиниката и задржано за понатамошно лекување, а таа во повеќе наврати била сама и го посетувала на клиниката. На 23 ноември, на иницијатива на нејзиниот невенчан сопруг, отишле најпрвин на Клиниката за детски болести каде наводно било хоспитализирано детето во тој момент. Таткото побарал да го види бебето, но биле известени дека такво бебе не било примено и донесено на лекување на клиниката. Потоа отишле на ГАК, каде по направените проверки во системите биле известени дека во текот на 2023 година осомничената воопшто не била примена ниту породена на таа клиника. Со преземените дејствија по наредба на јавен обвинител беше утврдено дека осомничената го довела во заблуда нејзиниот партнер и лажно пријавила дека нејзиното новородено дете исчезнало односно било одземено од непознати лица, иако знаела дека тие не се сторители на кривично дело, со што постои основано сомнение дека осомничената е сторител на – Лажно пријавување на кривично дело.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска на осомничената да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патната исправа или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова.

    Минатата недела, ОЈО Скопје поведе постапка против 20-годишен скопјанец за лажно пријавување за грабнување дете, кој признал дека го измислил настанот, водејќи се од лажните објави кои тие денови се споделуваа на социјалните мрежи за наводни киднапери.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира