УАПСЕНИ ЕКСМИНИСТРИТЕ ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ ЦВЕТКОВ, СПАСЕНОСКИ И ДЕЛЕВ, ЉУПЧО ДИМОВСКИ ТРИ ЧАСА НЕ ОТВОРАШЕ ВРАТА

    УАПСЕНИ ЕКСМИНИСТРИТЕ ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ ЦВЕТКОВ, СПАСЕНОСКИ И ДЕЛЕВ, ЉУПЧО ДИМОВСКИ ТРИ ЧАСА НЕ ОТВОРАШЕ ВРАТАПоранешниот министер за за земјоделие Љупчо Димовски на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал и одделот за организиран криминал во МВР, по наредба на судија на претходна постапка утринава ги уапсија поранешните министри за земјоделие Михаил Цветков и Александар Спасеноски, но и заменикот министер Христијан Делев, а Љупчо Димовски три часа не ја отворал врата. Кога видел дека полицијата сама ќе ја отвори вратата, според очевидци, викнал од внатре дека сам ќе отвори и ја отклучил вратата.

    Димовски кој неодамна доби амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година е пратеник, но судија на претходна постапка издал наредба и за негово приведување.

    Ексминистрите и Делев се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувањата, со кои кривични дела државата е оштетена за 1.400.000 евра. Со години тие на правните и физичките лица на кои Министерството им доделувало под закуп државно земјоделско земјиште, не им наплаќале кирија. Место да ги раскинат договорите за закуп со неплаќачите, тие ги толерирале, со што се акумулирал долг кон државата во износ од 1,4 милиони евра.

    „Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)“, соопшти Јавното обвинителство.

    Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени.

    Рускоска за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека предистрагата е почната по нејзина наредба уште во 2016 година и оти сега ја спроведува со Одделот за организиран криминал во МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира