УБИЕЦОТ НА ТУРСКИОТ ДРЖАВЈАНИН ВО ШТИП ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ КУПИЛ ПИШТОЛ ВО СКОПЈЕ, ПЕТМИНА ОСОМНИЧЕНИ ЗА УБИСТВОТО ОД ОДМАЗДА

    УБИЕЦОТ НА ТУРСКИОТ ДРЖАВЈАНИН ВО ШТИП ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ КУПИЛ ПИШТОЛ ВО СКОПЈЕ, ПЕТМИНА ОСОМНИЧЕНИ ЗА УБИСТВОТО ОД ОДМАЗДАУбиството се случи во кафуле на Градскиот плоштад во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против вкупно 5 лица, за убиството на 25-годишниот турски државјанин во кафуле во центарот на Штип, вечерта на 8 мај. Првоосомничениот е осомничен како директен извршител на кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик. Останатите четворица се осомничени за – Помагање на сторителот по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

    Судијата на претходна постапка доцна синоќа на барање на Основното јавно обвинителство во Штип определи мерка притвор во траење од 30 дена за петте сосомничени. Според портпаролот на Основниот суд во Штип Сашко Георгиев, мерката притвор од 30 дена тие ќе ја издржуваат во затворот Куманово.

    Сите осомничени се турски државјани, од кои тројца имале пријавено престојувалиште во Штип, додека извршителот на убиството и еден од помагачите биле без пријавен престој во државава.

    Постои осовано сомнение дека првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол со калибар од 9мм, со избришани податоци за модел и сериски број. Потоа со тој пиштол, на 8 мај во вечерните часови, во кафе-бар во Штип, со умисла и од безобѕирна одмазда лишил од живот едно лице, исто така турски државјанин со престој во Штип. Преку мобилни апликации се договориле со жртвата да се сретнат за наводно да ги надминат долготрајните недоразбирања меѓу нив. Но, по 15-минутен разговор во угостителскиот објект, осомничениот влегол во тоалетот и веднаш излегол, па на вратата која го дели отворениот од затворениот дел од кафулето го извадил пиштолот и испукал неколку куршуми во правец на оштетениот, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои подоцна починал“, вели Обвинителството.

    Од таму велат дека истата вечер, останатите четворица осомничени – тројца мажи и една жена, сите на возраст од 22 до 28 години, му помогнале на сторителот по извршеното кривично дело за кое е запретена казна доживотен затвор. На точно неутврдена локација во Штип го качиле во автомобил „бмв“ што го возела осомничената девојка и сите заедно се упатиле кон Скопје. Кај наплатната станица Миладиновци на автопатот Штип-Скопје биле пресретнати и запрени од полициска патрола и се дале во бегство, но биле уапсени.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира