УБИЈЦИТЕ НА НИКОЛА САЗДОВСКИ ОСУДЕНИ НА ПО 19 ГОДИНИ ЗАТВОР

    УБИЈЦИТЕ НА НИКОЛА САЗДОВСКИ ОСУДЕНИ НА ПО 19 ГОДИНИ ЗАТВОРОсудените Бесир Беља (20) и Скендер Демири (21) на денешното изрекување на пресудата во Основниот суд Скопје 1. (Фото: СДК.МК)

    Судијата Даниела Алексовска – Стојановска од Основниот суд Скопје 1, им изрази сочувство на родителите на убиениот Никола Саздовски (19), кои плачеа во судницата и за свирепо убиство на нивниот син ги осуди обвинетите: Бесир Беља (20) на 19 години затвор, Скендер Демири (21) на 19 години. Третообвинетиот Јетон Љужа е недостапен. Судот ги задолжи осудените да им платат поединечно на сите членови на семејството на убиениот Саздовски по околу 15 илјади евра за секого, за нематеријална штета и душевна болка.

    Во моментот на сторување на тешкото кривично дело тие немале наполнето 21 година, па ја избегнаа доживотната казна затвор.

    Обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири претходно се изјаснија дека за убиство на свиреп начин на Никола Саздовски, припадник на навивачката група „Комити“ по бруталното претепување на 29 јуни 2018 година, не се виновни.

    Обвинетите и адвокатите во текот на целиот судски процес тврдеа дека нема тука свирепо убиство, туку дека по нападот и тепањето, сега покојниот паднал на метална кутија на ЕВН, кој пад бил фатален за него да падне во кома и набргу да почине.

    Тој ден околу 17.45 часот на булеварот Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката Алкалоид, му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, го прашале: „Ти ли си тој Никола Саздовски што го викаат Саздо?“

    Кога Саздовски го потврдил идентитетот, обвинетите заедно почнале да го удираат со боксови во главата и градите. Од силните удари Саздовски загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено, и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите. Од ударите оштетениот добил тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот и паднал во коматозна состојба.

    Саздовски во бессознание бил пренесен во ургентниот центар при Клиничкиот центар Мајка Тереза. Истиот ден бил пренесен во Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – Скопје, Одделение за анестезија и реанимација, каде на 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт. Како резултат на здобиените повреди, стои во обвинението, на 9 јули 2018 година оштетениот починал.

    Судијката пред да ја изрече пресудата, рече дека според вештачењата од Судска медицина и од извршената реконструкција на настанот во присуство на сведоците очевидци, Саздовски не починал од падот врз кутијата на ЕВН, како што тврдеше одбраната, туку дека обвинетите свирепо го убиле.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира