Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу откри дека на 27 април имало сценарио кое би било повод за прогласување воена состојба од врховниот командант на АРМ, претседателот Ѓорге Иванов.
Тој во интервју на Телевизија АЛСАТ-М рече дека на 27 април Иванов и структури од МВР, поточно од Управата за безбедност и контраразузнавање подготвиле сценарио кое би се искористило за прогласување на воена состојба.
“Сценариото кое според моето мислење постоеше е да се удри по Собранието. Има и гласини кои не сум ги потврдил, односно дека полицајците се повлекле од вршење на законските должности, бидејќи слушнале дека треба да чекаат уште некое време, со цел претседателот да ја извади армијата и да прогласи воена состојба“ , рече Нухиу.
Тој објасни дека МВР имало три планови за реакција на полицијата за време на протестите, но тие пропаднале поради политичките несогласувања помеѓу разните полициски формациски структури.
“Еднаш примив одговор од директорот на Јавна безбедност Митко Чавков дека се преземени мерки и оти сè е под контрола и надвор од Собранието. Тој потоа ми одговори дека ова е народ и не можеме против него“, изјави министерот Нухиу,.
Во интервјуто за телевизијата Нухиу откри дека во МВР три години не работел системот за регистрација на командите. Тој ангажирал германски експерт да ги провери серверите за снимање на команди, и се открило дека два сервери не биле вклучени во системот за снимање команди и дека системот не работи уште од 2014 година.
Министерот Нухиу потврди дека функционер на УБК наредил да се избришат снимките од собраниските камери за време на организираниот напад на Собранието. Двајца вработени добиле наредба од еден висок началник во УБК да влезат во Собранието и да ги земаат хард-дисковите. Иако ги земале хард-дисковите, во собраниската режија имало резервни сервери на кои се чуваат снимките, па снимките како доказен материјал се сочувани.
Внатрешната контрола при МВР досега има суспендирано пет полицајци-вработени во собраниското обезбедување бидејќи не го спречиле отворањето на вратите на Собранието при што демонстрантите влегоа во Собранието и беа повредени околу 100 пратеници, новинари, полицајци и вработени во Парламентот. МВР прави истрага за уште околу 30 припадници на Министерството за внатрешни работи за нивното однесување и постапување во инцидентите во Собранието.
Јавното обвинителство досега има поднесено 27 кривични пријави за учество во организираниот напад на Собранието. МВР плус поднела и две пријави за обид за убиство против двајца насилници кои учествувале во крвничкото претепување на Зијадин Села, лидер на Алијансата за Албанците.
Г. ТРПЕНОСКИ