По насоки на началникот Горан Грујевски, во поранешниот aероклуб спроти гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје бил инсталиран систем за прислушување, поврзан со „најс“ системот во Петтата управа на МВР, го продолжи сведочењето во „Тврдина-Таргет“ новиот сведок, инженер во УБК Сашо Трајковски.
„Јас за тој систем за следење на комуникациите во аероклубот надвор од МВР знам. Кај базенот Аеродром беа инсталирани компјутери кои служеа за маркирање телефонски броеви. Ми кажаа дека такви надворешни системи за прислушување дека биле поставени во т.н. функционерска зграда, веднаш до Железничката станица. Поврзувањето на оптичките кабли го вршеа оператори од Телеком“, сведочи Трајковски.
На прашања за уништувањето на опремата со која се прислушувало, Трајковски кажа Грујевски им кажал оти опремата мора двапати да се уништува. Еднаш да се сецка на делчиња по пет сантиметри, а потоа да се стопат тие делчиња на висока температура.
„Двапати од 2007 до 2015 година колку што знам, беше уништувана опрема за прислушување на МВР. Старите компјутери беа расходувани и складирани во магацин. Старите касетофони за репродуцирање прислушувани материјали беа однесени во РЖ ‘Услуги’ првин на дробење, а потоа во печка на топење. Последната опрема за прислушување со наредба беше исклучена на 27 март 2015 година и потоа уништена“, рече сведокот.
Во овој судски процес за масовно незаконско следење на комуникациите на стотици граѓани, обвинети се ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, избеганиот началник на Петтата управа Горан Грујевски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков, Никола Бошкоски – Боксер, кој е избеган во Грција со Грујевски и уште шестмина сѐ уште вработени во УБК.
Сведочењето трае.
С. К. ДЕЛЕВСКА