УЧЕБНИКОТ ПО ОПШТЕСТВО ЗА 4. ОДДЕЛЕНИЕ ЌЕ СЕ МЕНУВА ОТИ Е ДИСКРИМИНАТОРСКИ КОН ДЕЦАТА ОД ЕДНОРОДИТЕЛСКИ СЕМЕЈСТВА

    УЧЕБНИКОТ ПО ОПШТЕСТВО ЗА 4. ОДДЕЛЕНИЕ ЌЕ СЕ МЕНУВА ОТИ Е ДИСКРИМИНАТОРСКИ КОН ДЕЦАТА ОД ЕДНОРОДИТЕЛСКИ СЕМЕЈСТВАНародниот правобранител утврди дека има дискриминација во учебникот Општество за 4-то одделение на авторката Билјана Живковиќ, каде децата треба да донесат фотографија од свадбата на нивните родители и да одговорат дали се венчани во црква (Фото: Спорната содржина во учебникот по Општество за 4. одделение)

    Во учебникот за 4-то одделение по предметот Општество, каде децата треба да донесат фотографија од свадбата на нивните родители и да одговорат дали се венчани во црква, постои дискриминација врз основа на брачен и семеен статус и религија во областа на образованието, утврди Народниот правобранител. Претставката до Омбудсманот беше поднесена од 40-тина мајки кои живеат во еднородителски семејства, вонбрачни заедници и брачни заедници, поддржани дополнително и од останати осум организации, со помош на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ (СЗПМЗ), соопшти Коалицијата.

    Поради ваквите дискриминаторски содржини во учебникот Општество за 4-то одделение на авторката Билјана Живковиќ, тој ќе биде биде ревидиран и во однос на спорните содржини ќе претрпи измени, вели Коалиција СЗПМЗ, која напоменува дека такви гаранции дала и министерката за образование.
    На страница 18 во учебникот се учи за брачен живот и брачни улоги и меѓу другото се бара од учениците да залепат фотографија од свадбата на родителите или да ги нацртаат, притоа да одговорат кога нивните родители стапиле во брак и на која возраст, колку години се во брак и оставено е на учениците да заокружат, дали родителите се венчале во матично (Општина), црква или друго.

    „Ваквата вежба, како што е зададена во учебникот е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца кои не живеат во конвенционални брачни односи и семејства, и тоа: за децата од еднородителски семејства, чии родители се разведени или пак еден од родителите е починат, непознат или исчезнат, деца кои живеат со роднини, деца без родители, деца чии родители живеат во вонбрачна заедница, па дури и децата чии родители стапиле во брак, но решиле да не направат свадба. Вежбата не дава можност децата од неконвенционалните семејства и брачни односи без вознемиреност и стигматизација да ги претстават односите во своето семејство или дом, бидејќи бракот како заедница и свадбата како начин на прослава, се претставени како единствено „нормални“ заедници и поведенија“, се вели во соопштението.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира