УЧЕЊЕ СО РАЗБИРАЊЕ НАМЕСТО УЧЕЊЕ НА ПАМЕТ, ПРВАЧИЊАТА ВО СЕПТЕМВРИ СО НОВА НАСТАВНА ПРОГРАМА

    УЧЕЊЕ СО РАЗБИРАЊЕ НАМЕСТО УЧЕЊЕ НА ПАМЕТ, ПРВАЧИЊАТА ВО СЕПТЕМВРИ СО НОВА НАСТАВНА ПРОГРАМАНовата наставна програма е дел од Националната концепција. - Од почетокот на учебната година на 1 октомври 2029. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Првачињата во новата 2021/2022 учебна година ќе учат по новите наставни програми кои ги донесе Министерството за образование и наука (МОН) на предлог на Бирото за развој на образованието (БРО). За начинот на примена  ќе се организираат обуки за наставниците, преку три модули во текот на мај, јуни и август.

    Наставните програми се изработени од работни групи формирани од Бирото, составени од советници, наставници од основните училишта и универзитетски професори. Работните групи се консултирале и со експерти од области на коишто се темели новата Национална концепција: родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, како и за заштитата на животната средина, почитување и заштита на правата.

    Од МОН велат дека сега прецизно е дефинирано какви компетенции (знаења, способности, вештини и ставови) се очекува да стекнат учениците за време на основното образование, а наставникот добива целосна автономија да ја прилагодува наставата кон одделни ученици или групи.

    „Суштински значајно е што наставните програми ќе обезбедат поголема видливост на интеграцијата, односно ќе овозможат реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, со цел да се синтетизираат различни перспективи за предметот секаде каде што е можно, преку одредени можни содржини и активности за нивна реализација. На овој начин, учениците полесно ќе ја разбираат и совладуваат наставната материја. Фокусот е ставен на учење со разбирање кое помага во развој на критичкото мислење и креативноста, наместо досегашното фактографско учење и меморирање податоци“, појаснува МОН.

    Министерката за образование и наука Мила Царовска на 23 декември лани кажа дека учењето нема да биде врзано само со еден извор и ќе може да се користат различни извори за учење.

    „Со интегрираните предмети се спојуваат темите, и во исто време, наставниците по биологија, хемија и физика ќе предаваат една тема. На пример, кога ќе се учи за екологија и животна средина. На биологија ќе се учи за влијание на човекот врз природата и одржлив развој, на хемија за загадување, а на физика за обновливи извори на енергија“, кажа тогаш Царовска на презентацијата на концепцијата пред новинарите.

    Со новите програми, постигањата на учениците ќе се следат на дневна основа, наместо само да се организираат тестирања на крајот на одредени периоди – тримесечје или полугодие.

    „Ова е прв чекор во рамки на планот за конкретизирање на имплементацијата на новата Концепција за основно образование со која се предвидува значителна модернизација на базата на националниот образовен систем. Работните групи во Бирото за развој на образованието продолжуваат со креирање на наставните програми и за другите одделенија на основното образование“, вели министерката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира