Учениците од основното образование имаат основно образование за финансиска писменост, но не знаат како да го применат во пракса, покажа извештајот за финансиска писменост на Бирото за развој на образованието. Бирото го презентираше извештајот во пресрет 15 март, Денот за заштита на правата на потрошувачите.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека децата имаат познавање за базичните поими, но немаат доволно познавање за она што би требало да се нарече применување на познатите поими во животот, односно применување на таа финансиска писменост.
„За жал, и според ОЕЦД, нашето население е писмено финансиски околу 56%, што е незадоволително. Затоа, Министерството, првенствено со Бирото за развој на образованието, но и со Народната банка, Министерството за финансии, УЈП и Асоцијацијата на банки во Македонија и други институции, развива програми за најмладите од рани години да научат како да управуваат со сопствените средства или средствата кои им се на располагање. Да научат да штедат, да научат да вложуваат, да научат да проценуваат ризици и да научат на кој начин да управуваат и менаџираат со сопствените средства, што во суштина претставува еден сериозен чекор за примена на знаењата во иднина кога тие навистина ќе имаат таква потреба“, кажа Јаневска.
Според директорката на Бирото, Милка Тримчевска, извештајот им дава конкретни насоки во кој правец да се движат за подобрување на можноста учениците да достигнат повисоко ниво за да носат финансиски одлуки.“
„Финансиска писменост и досега постои како слободен изборен предмет во четврто, петто и шесто одделение, и понатаму слободен изборен предмет во седмо, осмо и деветто одделение. И сѐ уште, нели, по старата програма во деветто одделение предметот Иновации.
Во наставните програми апсолутно се интегрирани содржини и под другите предмети, не само по овие слободни изборни предмети и се постигнуваат стандарди кои што се постигнуваат, односно треба да ги имаат децата, зборуваме само за основното образование. Резултатите подоцна ќе нѐ наведат, односно веќе нѐ наведуваат, нели, понатаму што треба ние да развиваме и во средното образование“, рече Тримчевска.
Б. НЕСТОРОСКА



