Учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, од новата учебна година повеќе нема да губат настава. Зависно од здравствената состојба, ќе можат да се вклучат онлајн на наставата во својот клас, да се организира индивидуална настава или пак, преку асинхрона комуникација да добиваат материјали и да ги решаваат домашните задачи, најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
За да нема прекин на воспитно-образовниот процес на учениците кои имаат посериозни здравствени предизвици и се на болничко лекување повеќе од три недели, Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство и Здружението САНО, кое им помага на децата заболени од рак или други малигни и хронични болести, од септември воведува формално образование во здравствените установи.
„Децата со сериозни здравствени предизвици, најчесто се соочуваат и со дополнителни, образовни предизвици. За жал, на Клиниката за детски болести секогаш има деца кои се наоѓаат на подолготрајно лекување поради што не можат да ја следат редовната настава. Но, за ова постои решение и новата Влада со поддршка од граѓанскиот сектор, го дефинираше и го уреди системски и отсега повеќе нема да биде како во минатото кога, всушност, и постоеше една неправда, па би рекла и дискриминација кон децата со сериозни здравствени предизвици“, рече Јаневска.
Секое дете на школска возраст кое е сместено на Детската клиника повеќе од три недели, додека трае учебната година ќе може онлајн да се вклучи во наставата во неговиот клас или пак, наставникот ќе организира индивидуална настава во зависност од здравствената состојба на ученикот и тоа по наставна програма прилагодена на неговата состојба. За оваа цел се користат истите дигитални алатки кои ги користат и останатите ученици, ЕДУИНО и платформата за дигитални интерактивни учебници. Училиштето каде е запишан ученикот може да му додели електронски уред, од фондот на таблет компјутери кои МОН ги има обезбедено и доставено до училиштата.
Ако училиштето има доволен кадровски потенцијал, наставникот може и да го посетува ученикот во здравствената установа и таму да ја реализира наставата, но тоа повторно зависи од состојбата и можностите на ученикот.
Министерката додаде дека за време на летниот распуст се организираат обуки за ефикасна работа на наставниците на далечина.
На прашањето дали покрај во болнички услови, ваков вид образование ќе имаат и децата што се лекуваат дома, таа одговори дека проектот предвидува истиот принцип да се одвива и во домашни услови.
„Дефинитивно, овие деца со канцер покрај лекување во болница се рехабилитираат во домашни услови. Наставникот определен за детето може да го посети во домот, доколку има услови и дозволи здравствената состојба на детето, или преку онлајн да го совладуваат потребниот материјал. Но, покрај тоа што тие нема да ја изгубат годината, тие ќе бидат и мотивирани. Дали во клиника, дали во домашни услови или во центар за рехабилитација, наставата ќе се одвива, а со тоа и социјализацијата на овие деца“, кажа министерката.
Според директорот на Клиниката за детски болести, д-р Реџеп Мемеди, вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, односно полесно поминување на долготрајниот пат на лекување. Мемеди рече дека кај децата со малигни заболувања, понекогаш третманот траел и до две години, зависно од самата патологија. Првите шест месеци, биле приморани да бидат цело време на Клиника.
Претседателката на САНО, Марија Вук рече дека граѓанското здружение започнува јавна кампања за подигнување на свеста за образованието на децата на подолготрајно лекување.
Б. НЕСТОРОСКА