УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СЕПТЕМВРИ МОЖЕ ДА СЕ ВРАТАТ ВО СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИТЕ УЧИЛИШТА ЗА НИВ, ПРОГРАМАТА ЗА ИНКЛУЗИЈА НЕ Е СООДВЕТНА, ВЕЛИ КОАЛИЦИЈАТА „МЕНУВАМЕ“

    УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СЕПТЕМВРИ МОЖЕ ДА СЕ ВРАТАТ ВО СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИТЕ УЧИЛИШТА ЗА НИВ, ПРОГРАМАТА ЗА ИНКЛУЗИЈА НЕ Е СООДВЕТНА, ВЕЛИ КОАЛИЦИЈАТА „МЕНУВАМЕ“„Со министерката Јаневска разговаравме за тоа колку е важно педагошкото домување да се врати за да бидат згрижени децата во интернат“, рече Алишан. (Фото: Принтскрин од видео на МИА)

    Од септември оваа година, сите ученици со попреченост коишто сакаат, може да се запишат во нивните училишта каде што припаѓаат, дали се училишта за лица со оштетен вид или училишта за оштетен слух и говор, рече денеска програмскиот координатор на коалицијата „Менуваме“ Суаред Алишан. Како што објави МИА, Алишан се сретна со министерката за образование и наука Весна Јаневска и потоа изјави дека сите нивни барања и предлози наишле на разбирање кај министерката и во најбрзо време нивните барања ќе бидат доставени во законски предлог-текст до Министерството за образование и наука (МОН).

    Од коалицијата бараат и реформирање на службите кои изминативе неколку години почнаа да работат за да ја спроведуваат Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Според Алишан, оваа Класификација не е содветна, не е со методологија работа и проценка со дете, туку е работа со родител, што е спротивно на Конвенцијата за правата на деца со хендикеп.

    „Разговаравме во однос на шесте закони кои треба да бидат изменети и ставени во функција на децата со попреченост. Предложивме во  Училиштето ‘Димитар Влахов’ во Скопје, картонажата која што е застарена програма и ПТТ да се заменат со средно гимназиско образование, средно музичко образование и информатичко програмирање. И тоа како можат слепите лица да бидат добри програмери и да работат на дата база. Разговаравме за тоа колку е важно педагошкото домување да се врати за да бидат згрижени децата во интернат“, рече Алишан.

    Тој додаде дека на средбата е предложено и да се воведат наставни програми во високото образование во Институтот за специјални едукатори и рехабилитатори, поточно да се создадат услови за специјализирање.

    „Предлагаме задолжително во Факултетот за социјална работа и политика и Медицинскиот факултет да се воведат струките дифлологија, сурдологија и олигофремологија. Секој човек треба да ги препознава овие струки, во државата имаме 149 илјади лица со попречености, што се голема заедница“, додаде Алишан.

    Алишан кажа дека во државата има две илјади деца, а во моментот има 650 асистенти. Еден асистент, како што рече, работи со две до три деца.

    Тој најави дека овие промени можат да почнат согласно законот кој ќе биде доставен до Министерството за образование и наука. Како што рече, инсистираат да почнат промените од оваа година, или барем да почнат да се реализираат гимназиското и музичко образование.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира