УЈП КАЗНИ 114 МАРКЕТИ КОИ ОСНОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ ГИ ПРОДАВАЛЕ СО 5% ДДВ

    УЈП КАЗНИ 114 МАРКЕТИ КОИ ОСНОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ ГИ ПРОДАВАЛЕ СО 5% ДДВДиректорката на УЈП Лукаревска апелираше, особено до големите маркети, да си ги прилагодат касите, а граѓаните да пријават неправилности на фискалните сметки на бројот 198. (Фото: Прнтскрин од видео)

    Од 611 инспекциски контроли кај трговци во цела земја, кај 114 имало неправилности со неприлагодени фискални каси, согласно владината одлука за намалување данок на додадена вредност (ДДВ) на основните прехранбени производи, и наместо со 0, лебот, брашното тип 400, јајцата, млекото, месото, шеќерот, оризот и зејтинот ги продавале со даночна стапка од 5 отсто, соопшти директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.

    Најмногу неправилности имало кај трговци на мало со храна и пијалоци, трговци на мало со јајца, месо и производи со месо. Најмногу неправилности имало во Тетово, Струга, Скопје, Прилеп и Охрид, поради неиздавање и неусогласени фискални сметки. Неправилности имало и кај големи маркети со повеќе продажни единици низ земјава.

    „Во контролата беа опфатени оние кои вршат трговија со храна и пијалаци на мало, трговија на мало со месо и производство на месо, трговија на мало со моторни горива. Во Скопје се извршени 136 контроли, а 13 имале неправилност. Во Битола од 120 контроли има 41 неправилност. Во Прилеп од 93 контроли, 22 имале неправилност. Во Струмица од 85 контроли, 10 имале неправилност. Во Тетово 78 контроли, 26 имале неправилност. Во Штип од 99 само 2 имале неправилност“, кажа Лукаревска.

    „Изрекуваме глоби бидејќи алармиравме и претходно дека ќе одиме на терен. Имаа доволно време даночните обврзници да ги прилагодат своите фискални каси. Меѓутоа, сметаа дека можат да го изиграат законот, но тоа не е така“, рече Лукаревска и апелираше, особено до големите маркети, да си ги прилагодат касите, а граѓаните да пријават неправилности на фискалните сметки на бројот 198.

    На предлог на Владата, со измените на Законот за додадена вредност и Законот за акцизите, од 13 март лебот, шеќерот, белото брашно, маслото за јадење, јајцата и оризот, се ослободени од ДДВ, а ДДВ-то се намалува од 18 на 10 отсто за горивата. Овој потег на Владата е заради ублажување на последиците од брзиот скок на цените, со цел граѓаните и фирмите да се прилагодат на ценовниот шок поради пандемијата, како и од енергетската криза засилена особено со воената агресија на Русија врз Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира