УКИНАТ БАЛАНСЕРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА, ТИЕ ШТО ИЗЛАЖАЛЕ ЗА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ НЕМА ДА БИДАТ ИЗБРКАНИ ОД РАБОТА

    УКИНАТ БАЛАНСЕРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА, ТИЕ ШТО ИЗЛАЖАЛЕ ЗА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ НЕМА ДА БИДАТ ИЗБРКАНИ ОД РАБОТАСо балансерот се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд како неуставен го укина балансерот за вработување по етнички клуч во администрацијата.

    Мнозинството од уставните судии одлучило дека со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место и оти со обврската на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

    Одлуката не е ретроактивна, па сите кои се вработиле преку оваа алатка остануваат на работа, без разлика дали Македонци се пишале како Албанци, Албанци се изјасниле за Македонци, Турци станале Срби само за да се бутнат во администрација и обратно.

    На 18 септември, кога беше донесена времена мерка за замрзнување на употребата на алатката балансер, судот поведе постапка за сите одредби од сите закони каде што се спомнува како услов за вработување. Се поведе постапка за одредбите од Законот за вработени во јавниот сектор (член 19, став 1, алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Законот за административни службеници (член 36, став 1, алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“), Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавен сектор (член 2, став 1, алинеја 8 во делот „припадноста на заедницата/заедниците“, член 2, став 2 и 3, член 3, став 1, алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор (член 3, став 1, алинеја 8), како и од Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување.

    Ова се одредбите кои денеска се укинати.

    Лага и манипулација е дека Уставниот суд со својата одлука укинал права на некоја етничка заедница, рече по седницата претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.

    „Тие права се тука, во Уставот. Од одлуката на Уставниот суд што ја доби денеска Собранието, ќе знае законодавецот како да регулира понатаму“, рече Костадиновски и додаде:

    „Политичарите да ги почитуваат одлуките на Уставниот суд, а не да ги политизираат и етнизираат. Нечуено е да се тврди дека Уставниот суд посакува дестабилизација. Не е моја работа да ги коментирам намерите на политичарите. Уставниот суд ќе одолее на влијанија и притисоци и нема да бараме дозвола за одлучување по точки. Нема да направиме компромиси со некого. А, ако некој сака да глуми дека имаме правна држава и ако сака пак да бидеме заробена држава, ние тоа нема да го дозволиме. Дали било право време, кога било право време, одлучуваме ние”, кажа претседателот на Уставниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира