Собранието ја укина радиодифузната такса, изгласувајќи ги измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, поднесен од Томислав Тунтев, Ејуп Аљими, Весел Мемеди. „За“ гласаа 70 пратеници, а немаше „против“, ниту „воздржани“. За овој закон беше потребно и Бадинтерово мнозинство, а за гласаа 20 пратеници од немнозинските пратеници. Радиодифузната такса беше 190 денари.
Претходно денеска, Собранието со 82 гласа „за“ го усвои и законот за стечајни работници. Со законот, се овозможува околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 8.356 денари, односно 34 отсто од просечно исплатената месечна нето-плата минатата година.
Невработените лица опфатени со законот треба да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а таму работниот однос да им престанал врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава. На денот на стапување на сила на законот, тие треба да се на возраст од најмалку 52 години, за жени, односно 55 години за мажи.