Компанијата „Еко клуб“, за која градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вчера на прес-конференција презентираше видеоснимки и фотографии како несоодветно го третира медицинскиот отпад пред да го депонира на депонијата „Дрисла“, е поврзана со унгарскиот почесен конзул од Битола Сашо Јанакиевски, назначаен уште во 2012. Тој е познат битолски бизнисмен, кој на јавноста долги години ѝ е познат како сопственик на фирмата „Еко клуб“, а како таков е посочуван во изјави и интервјуа низ македонските медиуми.
САКАМДАКАЖАМ.МК стапи во контакт со унгарскиот конзул Јанакиевски, кој рече дека не може да даде официјална изјава затоа што веќе не бил сопственик на мнозинскиот капитал во „Еко клуб“. Кажа дека сопственик на 60 проценти од фирмата е германска компанија, која деновиве ќе имала прес и ќе ја разјаснела состојбата.
На интернет страницата на германска компанија пишува дека се занимава со собирање, транспорт и третман на опасен отпад – медицински отпад. Понатаму, дека него го третираат механички и стерилизирано по строго контролирани услови, користи автоклав уред и технологија за стерилизација на пареа, која е стандардна во другите европски земји.
Ваквите податоци се спротивни на фотографиите и снимките што ги направиле инспектори од Град Скопје во погонот, на кои се гледа дека медицинскиот отпад не се преработува. Шприцеви, игли, крвави гази и друг медицински отпад е во контакт со кучиња скитници, потоа се префрла во камион за транспорт, незаштитен во посебни ќеси како што е постапката за депонирање на ваков вид отпад, а притоа, од камионот се цеди крв. Градоначалникот Шилегов вчера кажа дека медицински отпад без термички да се обработи и стерилизира од погонот се депонирал на депонијата „Дрисла“, а за тоа инспекторите на Град Скопје имаат видеоматеријал снимен во декември кој веднаш го предале во Јавното обвинителство. По ова, вонредна контрола вчеравечер направи Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во погонот на „Еко клуб“ во кругот на Металскиот Завод Тито во Скопје.
Фирмата „Еко клуб“ за време на претходната власт извесен период беше задолжена за уличното осветлување и за новогодишното украсување на Битола.
- БЕЗ ДА СЕ ПРЕРАБОТИ МЕДИЦИНСКИ ОТПАД СЕ НОСЕЛ НА ДЕПОНИЈАТА „ДРИСЛА“, ШИЛЕГОВ СЛУЧАЈОТ ГО ПРИЈАВИЛ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО
- ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ВЕЧЕРВА ВО ВОНРЕДНА КОНТРОЛА ВО ПОГОНОТ КАДЕ НЕСООДВЕТНО СЕ ТРЕТИРА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД
Ж. ЗДРАВКОВСКА