УШТЕ 4 ЛИЦА ОД ЗАВОДОТ ВО ДЕМИР КАПИЈА СЕ СМЕСТЕНИ ВО ГРУПЕН ДОМ

    УШТЕ 4 ЛИЦА ОД ЗАВОДОТ ВО ДЕМИР КАПИЈА СЕ СМЕСТЕНИ ВО ГРУПЕН ДОМОд Заводот во Демир Капија до сега во групни домови се сместени 32 лица. Во процесот на деинституционализација вклучен е и Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, кои ги подготвуваат лицата за напуштање на заводот во Демир Капија. (Фото: К.Попов)

    Уште четири лица од Специјалниот завод во Демир Капија се сместени во групен дом во Скопје, во рамките на проектот за деинституционализација на Министерството за труд и социјална политика. Ова е петти групен дом, во кој се сместени лица со тешка интелектуална попреченост за кои ќе се грижат негуватели, дефектолог и психолог.

    „Откако ги извлековме сите деца до 18 години од Демир Капија, продолжуваме со втората фаза на извлекување на возрасните, односно младинците. Процесот на деинституционализација, кој на почетокот ни звучеше технички и невозможен, станува реалност и секојдневно живеење. Во Демир Капија остануваат уште 180 лица кои тековно треба да се извлекуваат и јас верувам дека до крајот на 2021 година сите лица ќе бидат сместени во групни домови“, рече денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    Од Заводот во Демир Капија досега во групни домови се сместени 32 лица. Во процесот на деинституционализација вклучен е и Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, кои ги подготвуваат лицата за напуштање на Заводот во Демир Капија.

    „Од август 2017 година влеговме во Специјалниот завод Демир Капија и почнавме со подготовка на лицата за напуштање на установата. Работевме со 30 деца и младинци до 26 години и 90 возрасни лица. Нашата работа е подготовка на лицата за живеење во групни домови. Во тој дел вложивме доста напори оти не е лесно да се подготват да ја напуштат институцијата, се работи за лица со најтежок облик на интелектуална попреченост“, рече Горан Петрушев од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори.

    Во проектот на Министерството за труд и социјална политика се вклучи и Град Скопје преку вработување на негувателите, дефектологот и психологот кои ќе се грижат за лицата во групниот дом во Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира