УШТЕ МЕ БОЛИ ШТО МИ ЈА СРУШИЈА „БЕКО“, НИКОЈ НЕ ЈА ОДБРАНИ, КОЛЕГИТЕ МИ РЕКОА „АЈ, ГЛЕЈ СИ РАБОТА“, ВЕЛИ АРХИТЕКТКАТА МИМОЗА НЕСТОРОВА-ТОМИЌ

„Архитектот треба да има почит и етика и спрема својот колега и соработник и спрема својот град, а ние тоа го немаме. Дали нам ни се почитува нешто? Дали имаат сила да спречат нешто? Факултетот за архитектура ништо не реагираше . Кај нас е утопија некој да ве заштити од Општината“, вели Несторова-Томиќ.

    УШТЕ МЕ БОЛИ ШТО МИ ЈА СРУШИЈА „БЕКО“, НИКОЈ НЕ ЈА ОДБРАНИ, КОЛЕГИТЕ МИ РЕКОА „АЈ, ГЛЕЈ СИ РАБОТА“, ВЕЛИ АРХИТЕКТКАТА МИМОЗА НЕСТОРОВА-ТОМИЌЛута сум и на колеги кои не реагираа, лута сум и на Асоцијацијата, сите се прават глуви, може да правите што сакате. Ако еднаш прекршите правило, не се чудете ако пак ви се прекрши, вели Несторова-Томиќ. (Фото: СДК.МК)

    Немаме колегијална етика, ниту колегијална култура, вели 95-годишната архитектка Мимоза Несторова-Томиќ, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија. Со Несторова-Томиќ разговаравме за тоа како ја срушија зградата на поранешно „Беко“ во центарот на Скопје, чија авторка е таа, без да ја консултираат, без фелата да ја одбрани, споредувајќи го нејзиниот пример со реновирањето на легендарниот белградски конгресен комплекс „Сава центар“.

    Зградата на стоковната куќа „Беко“ почна да се урива во мај 2018, а денес веќе целосно ја нема. Несторова-Томиќ уште тогаш реагираше дека ја урнале со изговор оти имало проблем со конструкцијата.

    „Тотално не се во право, оти 6 месеци не можеа да ја срушат. Можеше само пренамена да се направи во духот на проектираната функција“, рече таа. Тоа беше стоковна куќа по теркот на европските кои, вели, сѐуште одлично функционираат во ова современие.

    „Ако има потреба за реновирање на фасадата може да помогне архитектот, но не можете да му го рушите објектот и да го негирате објектот затоа што не го сакате архитектот. Од една страна ние сме први сеирџии, а од друга страна тој антагонизам е многу присутен . Колегијалноста ја нема“, ни рече Несторова-Томиќ.

    За споредба со реновирањето на „Сава центар“ во Белград, архитектката Ивана Летиќ  која го води проектот за реновирање, за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека нејзината цел била да го задржи стариот дух и историското значење на ова монументално здание и цело време додека траела реконструкцијата била во контакт со архитектот Стојан Максимовиќ, кој е автор на легендарниот конгресен центар и во 1970-тите бил водач на конструкторскиот тим. И тој, како Несторова – Томиќ веќе има над 90 години, но Летиќ вели дека соработката со него била драгоцена.

    „Како белграѓанка и како архитектка, јас би се срамела кога моето име би се споменувало дека јас нешто би уништила од стариот дух на овој монументален објект кој е врежан во историското паметење не само на Србија, туку и на целиот регион“, ни кажа архитектката Летиќ.

    Модната куќа „Беко“ е изградена 1972.  Во доцните 1990-ти ја преземаа Тајванците, а потоа беше продадена на локалниот бизнисмен Борис Стојменов. (Фото: Архивска фотографија)

    Во богатата и наградувана кариера, за Несторова-Томиќ се издвојува дека како дел од тимот на Градскиот завод за урбанизам и архитектура работела на Деталниот урбанистички план за скопската Стара чаршија, за реконструкција на Сули ан, на ревитализација на Старата чаршија и санација на Чифте амам, авторка е на проектот за стоковната куќа „Беко“, на Музејот на Македонија (со Кирил Муратовски), станбени згради, работела реконструкција на ентериерот на Универзалната сала и била една од урбанистите кои работеле во тимот за разработка на Генералниот урбанистички план на Скопје со Пол Сервис по наградениот проектот од ОН од јапонскиот архитект Кензо Танге, на обновувањето на Скопје после земјотресот.

    Познатата „Београдска конфекција“ (Беко) со гордост истакнувала дека тоа е прва стоковна куќа во тогашната држава, во која архитектот и статичарите успеале да изградат просторни површини, без „шума“ од столбови. Извор: МАРХ

    Модната куќа „Беко“ е изградена 1972.  Во доцните 1990-ти ја преземаа Тајванците, а потоа беше продадена на локалeн бизнисмен кој ја турна до темели. Изградени се само подземните нивоа и градбата е стопирана од Општина Центар како дивоградба, откако пред тоа 4 години имаше градежни активности без дозвола.

    Несторова-Томиќ сликовито опишува каков бил распоредот, на приземјето била сместена парфимерија, козметика, накит, позамантерија и аксесоари, се продавале бомбониери. Детската колекција била на мезанинот. Машката облека била на прв спрат, женската на втор спрат, а на третиот спрат имало роба за домот, килими, опрема за лов и риболов, и катче со кафетерија. Имаше квалитетна роба од цела Југославија, вели таа.

    „Водев сметка за психологијата, мајката за детето ќе се качи и на последен спрат, а мајката и за себе ќе се качи на последен спрат. Многу колешки ми честитаа срдечно. Колешката Олга Папеш баш ми рече: ‘ Кога сакам да се одморам, одам во ‘Беко’. Може и да немам намера да купам нешто, ама ако ме бендиса нешто и ќе си купам. Толку ми е пријатно таму’“, додава таа.

    Несторова-Томиќ ни кажа дека кога Тајванците ја купиле зградата, побарале да се сретнат со неа оти ги почитувале авторските права и постојано ѝ велеле дека ништо нема да променат, ништо нема да осквернават, и се плашеле да не ги тужи. Мали промени се направени во договор со авторката.

    Кога локалниот бизнисмен ја купил зградата, ја повикал и ѝ кажал дека сака да ја пренамени во хотел, а таа му рекла дека тоа не е објект кој може да се преправи во хотел, може да се пренаменат некои делови. „Немам друг одговор“, ѝ рекол новиот сопственик.

    Потоа таа реагирала и во Општина Центар, а од Секторот за урбанизам ѝ рекле дека е тоа приватна сопственост и сопственикот може да прави што сака.

    „Архитектот треба да има почит и етика и спрема својот колега и соработник и спрема својот град, а ние тоа го немаме. Ние имаме и Градски и Државен завод за заштита на споменици. Дали нам ни се почитува нешто? Дали имаат сила да спречат нешто? Факултетот за архитектура ништо не реагираше. Кај нас е утопија некој да ве заштити од самоволието на Општината. Не може ако се приватизира нешто, да правиш што сакаш туку треба да се следат пропозициите на зачувување на стилот на едно време, квалитетот на објектот, со мудрост на современата, на она што следи и што е најважното “, вели Несторова-Томиќ.

    „Овие барокџииве можеа еден симпозиум да направат, да слушнат јавно мислење и после да направат сѐ“, вели Несторова-Томиќ. (Фото: СДК.МК)

    Споменувајќи ѝ ја споредбата со „Сава центар“ во Белград кој исто така беше продаден на приватна компанија – „Делта холдинг“, па по македонска логика и тие можеле да си прават што сакаат оти нели – „приватно е!“,  таа вели дека веројатно Србите се побунтовни, интелектуалната фела им е јака и критичарите се на високо ниво, ценат кој е авторитет и каква тежина има тој. Има и колегијална култура, колегијална етика. Ги почитуваат повеќе авторските права.

    „Кодексот е јасен за нас архитектите, како треба да се однесуваме, да не си завидуваме, да можеме да се потпреме еден на друг, а да не страдаме. Овие барокџииве можеа еден симпозиум да направат, да слушнат јавно мислење и после да направат сѐ. Да седнеа една работа да испочитуваа, денес знаете што ќе имавме, тие ќе беа партнери со граѓаните. Се појавија и рекоа ‘Ние можеме подобро’. Ајде, направете. Скопје најмногу го згази таа екипата на аниквизацијата. Тие комплетно го погазија кодексот и плановите. Што се чудиме што ‘Беко’ и ‘Саем’ комплетно ги срушија. Па, да се потсетиме уште претходно се сруши проектот на солидарноста.

    Ме прашувате дали сум лута. Вие денес ме прашувате тоа што си се прашував јас тогаш. Лута сум и на колеги кои не реагираа, лута сум и на Асоцијацијата, сите се прават глуви, може да правите што сакате. Ако еднаш прекршите правило, не се чудете ако пак ви се прекрши. Бев повредена ама тоа е, ќе преболите. Не велам дека и денес не ми е криво. Им реков: ‘Колеги, барем заштите ги колегите’, они ми рекоа ‘Ма, глеј си работа’ . Тоа е најлоша работа кога ќе ви речат така, најпростиот одговор, чаршиски би рекла. Сѐ е историја во градот. Треба да се размислува околу тоа дали објектот има историски вредности, но епохата треба да ја чувате“, вели истакнатата архитектка.

    „Тотално не се во право, оти 6 месеци не можеа да ја срушат. Можеше само пренамена да се направи во духот на проектираната функција“, вели Несторова-Томиќ за „Беко“. (Фото: К. Попов)

    Несторова-Томиќ вели дека за поздравување е примерот со „Сава центар“ во Белград. Почитувањето на авторските права и соработка со архитектот, почитувањето на комплексот во смисла на недозволиво менување на намената и функцијата на објектот и почитувањето на материјалите, заради зачувување на автентичноста на објектот. Се менува технологијата, се појавуваат современи нови материјали, но нивната употреба во современоста на ревитализацијата треба коректно да се примени.

    „Чувајте ја архитектурата од минатото, почитувајте го авторството, така вие го почитувате опусот на творештвото на вашиот народ, на вашата држава. Покажете осет и разумност во однос на градот. Никој нема право да го скрнави. Тие не припаѓаат само на тие кои ги подигнале, туку на сите идни генерации кои доаѓаат после нас“, апелира Несторова-Томиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира