Судијката на претходна постапка која е надлежна за притворите во истрагата на СЈО „Империја“, синоќа околу 18 часот дошла од дома специјално да му го потпише решението за куќен притвор на осомничениот Сашо Мијалков, последниот кој остана во Шутка, поради некомплетна документација во предлогот за пуштање поднесен од СЈО.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК од Основниот суд Скопје 1 дали за сите осомничени и обвинети со предлог за куќен притвор судии на претходна постапка доаѓаат од дома специјално за нив за викенди или празници, оттаму ни рекоа дека законски е така, бидејќи не по вина на осомничениот, предлогот од обвинителот бил згрешен и некомплетен.
Мијалков, велат од СЈО, заминал на адресата која му е во личната карта и во сите обвиненија и решението за истрагата за „Империја“, а тоа е на улицата „Салвадор Аљенде“ на Водно. Шпекулации се дека куќен притвор тој ќе издржувал во хотел „Мериот“, бидејќи не е странски државјанин. А и да е странец, тешко дека куќен притвор може да се спроведува во хотел, велат од СЈО.
СЈО побара засилен полициски надзор за сите седуммина кои во три дена беа ослободени од притвор во Шутка, почнувајќи од Орце Камчев и Цветан Панделески, па се до Кирил Божиновски и Миле Јанакиески од „Титаник“. Како ќе го организира тоа МВР е нивен домен, велат во СЈО. Мерка куќен притвор подразбира двапати во денот проверка од полицијата дали осомничениот е дома, а куќен притвор со засилен полициски надзор, подразбира 24-часовно обезбедување на секој од осомничените.
Има најави дека за два месеца овој дополнителен ангажман на полицијата ќе биде решен, бидејќи Министерството за правда и Управата за извршување санкции треба да спроведат тендер за активирање на алките за куќен притвор и куќен затвор. Неколку илјади алки се одамна пристигнати, но доцни тендерот за избор на интернет операторот за сателитско следење со Џи-Пи-Ес на притворените лица на кои задолжително ќе им бидат ставени алки.
С. К. ДЕЛЕВСКА