Усогласување на платите во секторите образование и полиција со износот на минималната плата, согласно колективните договори, побараа денеска Синдикатот на полицијата на Македонија (СПМ) и Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) на протестниот марш што заврши пред Владата.
Од полицискиот синдикат побараа вредноста на бодот од 27 денари да биде покачен на 62 денари и укажаа дека платата на полицискиот службеник е за 3.000 денари помала од основната плата од 18.000 денари.
Од Независниот синдикат за образование и наука кажаа дека просветните работници се револтирани поради ниската потпросечна плата и поради начинот на кој се прави пресметката за плата. Најавија дека ќе продолжат со помасовни протести ако не се реши проблемот се пресметување на платата.
Синдикалните претставници обвинија и дека не им било дозволено да постават шатори пред Владата иако побарале дозвола, и најавија дека за 2 недели ќе ги постават без дозвола ако не им се исполнат барањата за кои протестираат.