УСТАВЕН СУД ЈА УКИНА АПАНАЖАТА ЗА ФУНКЦИОНЕРИ КОИ СЕ РАЗРЕШЕНИ ИЛИ ПОДНЕЛЕ ОСТАВКА

    УСТАВЕН СУД ЈА УКИНА АПАНАЖАТА ЗА ФУНКЦИОНЕРИ КОИ СЕ РАЗРЕШЕНИ ИЛИ ПОДНЕЛЕ ОСТАВКАСпоред Уставниот суд, овие функционери се разрешени или поднеле оставка заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција. (Фото: К. Попов)

    Уставниот суд денеска донесе одлука да го укине правото на апанажа на функционери кои се разрешени или поднеле оставка, укинувајќи го членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери како спротивен на владеењето на правото.

    Според Уставниот суд, овие функционери се разрешени или поднеле оставка заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција и поради тоа, не треба да добиваат паричен надоместок во вакви случаи.

    Укинатиот Член 22 гласи:

    „Пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има сите права од член 19 на овој закон. Лицата од став 1 на овој член, додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор“.

    Оваа одлука на Уставниот суд е конечна и влегува во сила откако ќе се објави во Службен весник.

    Оние функционери кои не биле разрешени и не поднеле оставка можат да примаат плата по престанувањето на функцијата за време од три месеци до една година, во зависност од тоа колку време биле на функција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира