Уставниот суд останува со уште еден судија помалку,откако денеска судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска си поднесе неотповиклива оставка, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во Уставниот суд. Пратениците веднаш биле известени, откако Дабовиќ-Анастасовска оставката ја поднела до претседателот на Собранието Африм Гаши.
Сега Уставниот суд останува со само 7 судии, по дискутабилното разрешување на уставната судијка Елизабета Дуковска, на чие место Судскиот совет и Парламентот не избраа нов(а) судиј(к)а веќе година дена.
Неофицијално, дознаваме дека судијката д-р Дабовиќ-Анастасовска оставката ја поднела од лични причини и се враќа на професорското место на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
„Не станува збор за политички или какви било други надворешни причини. Ниту причина за оставката на судијката е од здравствен аспект. Едноставно е од лични причини“, ни рекоа повеќе извори од Судот.
Истите соговорници велат дека веќе станува проблематично одлучувањето на Уставниот суд, кој од утре ќе брои само 7 судии.
Најпроблематичен период беше во време на претседателствувањето на судијката Добрила Кацарска кога, иако таа апелираше секој ден, парламентот во кој мнозинството го предводеше СДСМ го остави Уставниот суд долго време да работи со само 5 судии.
„И сега оди натака работата“, ни рекоа во Уставниот суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА



