Уставниот суд денеска го укина деталниот урбанистички план (ДУП) на Општина Центар за Градска четврт Ј07 со локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило, Цвеќара, донесен во јули 2014 година.
Станува збор за планот со кој се опфатени плацевите на Водно на семејствата Камчеви и на избеганиот експремиер Никола Груевски за кои се водeше судски процес.
Како што велат од Уставниот суд, овој ДУП бил донесен иако не било обезбедено потребното мнозинство во Советот на општината.
„Судот оцени дека Одлуката за ДУП на Општина Центар е спротивна на Законот за локална самоуправа, поточно со членот 62 став 2 од овој Закон. Уставниот суд оцени дека не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа ‘за’, како што предвидува законот“, изјави портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, по денешната седница.
Од вкупно 23 члена, колку што броел Советот на Општина Центар, присутни биле 12 члена, од кои за донесување на одлука за деталниот урбанистички план гласале 11 члена, а еден бил против.