УСТАВНИОТ СУД ЈА ПРИФАТИ ИНИЦИЈАТИВАТА НА СОПРУГОТ НА ЈАНКУЛОСКА ЗА ПОРОТНИЦИТЕ, СО КОЈА СУДЕЊАТА МОЖЕ ДА СЕ ВРАТАТ И ПО ТРЕТПАТ ОТПОЧЕТОК

    УСТАВНИОТ СУД ЈА ПРИФАТИ ИНИЦИЈАТИВАТА НА СОПРУГОТ НА ЈАНКУЛОСКА ЗА ПОРОТНИЦИТЕ, СО КОЈА СУДЕЊАТА МОЖЕ ДА СЕ ВРАТАТ И ПО ТРЕТПАТ ОТПОЧЕТОКСудењето „ТНТ“ кај што првообвинет е избеганиот Никола Груевски веќе се врати на почеток поради пензионирање на поротник, а во ситуација кога не беше обезбеден резервен. Јанкулоска е обвинета во два големи судски процеса, базичниот на СЈО „Тврдина-Таргет“ и „Титаник“, кај што е и Груевски, а кои траат две и повеќе години (Фото: СДК.МК)

    Судските процеси од поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО) кои се против високи поранешни државни и владини функционери, има шанса да се вратат и по третпат на почеток. Уставниот суд поведе постапка за мандатот на една од најслабите карики во судството, судиите-поротници, поради кои судењата како „Тортура“ кај што е обвинет Сашо Мијалков, „ТНТ“ каде се обвинети Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски, се вратија отпочеток, од нула.

    На иницијатива на сопругот на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, адвокатот Влатко Илиевски од Скопје, Уставниот суд на 12 мај поведе постапка за владината уредба со која на судиите поротници, на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба, им го продолжи, но до завршување на комплетната постапка по судскиот предмет.

    Кога на судија поротник ќе му истече мандат, или навршува возраст за пензионирање, тоа е измена на судечкиот совет и судењето се враќа на почеток. Ништо не важи од судењето што се одвивало две и повеќе години. Тоа е извонреден начин на застарување на кривичните дела за кои се гонат обвинетите.

    Во моментов не се знае колку има такви критични судии поротници кај што се водат овие високопрофилни случаи на организиран криминал во Основниот суд Скопје 1 и колку предмети се загрозени. Но, ОБСЕ во последниот извештај за предметите на СЈО во судските постапки, изброја 114 одложени рочишта за периодот од 1.12.2018 до 15.1.2020 година, од кои 22 се поради отсуство на судија-поротник и измена на судечкиот совет. На судиите ретко или никогаш не им се случува тоа.

    Најголемиот дел од овие судења лани веќе се вратија на почеток дополнително и поради истек на 90 дена во кои воопшто судиите не закажале рочиште. Ако Уставниот суд ја поништи оваа владина уредба, судењата кај што има поротници со истечен мандат или кои стекнале периодов услов за пензија, ќе мора пак да се вратат отпочеток.

    Менаџирањето со поротниците е работа на претседателот на судот и на Судскиот совет кој ги бира и разрешува, на предлог на претседателот на судот и никој не ги спречува да си ја завршат работата во вонредна состојба. Оттука, Уставниот суд смета дека Владата му ја презела работата на Судскиот совет и се замешала во третата, судската власт. Смета и дека уредбата за продолжување на мандатите на судиите-поротници нема врска со коронавирусот поради кој има вонредна состојба.

    Уставниот суд вели дека Владата со оваа уредба ги вметнала судиите-поротници како петта уставна категорија од функционери на кои во вонредна состојба им се продолжува мандатот (покрај претседателот на државата, владата, уставните судии и членовите на судскиот совет), што не е точно. На истата седница Уставниот суд не ги чепнал оспорените уредби за продолжување на мандатот во вонредна состојба на ректорот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и за претседателот на претседателот на Нотарската комора и на членовите на управниот одбор, а тоа не значи дека Уставниот суд ги вметнал како шеста или седма категорија на кои им се продолжува мандатот во вонредна состојба.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира