Граѓанската иницијатива Протестирам ги повика уставните судии да застанат на страната на правдата кога на денешната седница, која е во тек, треба да одлучат дали да поведат постапка по иницијативата за преиспитување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието.
Единствена точка на дневен ред е иницијативата на ДУИ за оцена на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието, која ја поднесе минатата недела.
Уставните судии на денешната седница расправаат, всушност, за двете одлуки на спикерот Трајко Вељаноски, едната со одложено дејство, за изборите кои требаше да се одржат на 24 април, и другата за одлуката за распуштање, по која Вељаноски закажа избори на петти јуни.
„Да ве потсетиме дека таа Одлука беше донесена пред рокот предвиден за нејзино донесување, односно 60 дена пред датумот на избори и без притоа да се води сметка за фактот дека услови за фер и демократски избори во Република Македонијанема. Непрочистен избирачки список, неспроведени реформи во медиумите и сѐ уште висок степен на корупција и неодвоеност на партијата од државата“, вели Протестирам и додава:
„Денес конечно ќе треба навистина да ја одиграте својата улога на заштитници на правата и слободите на граѓаните и да застанете на страната на правдата и законот. Бруталноста на таа одлука и бескрупулозноста во спроведувањето на намерата да се оди на избори во услови на целосно укинување на правната држава, претставува чин на сурова диктатура! Притоа, не заборавајте дека ќе треба да одлучувате по иницијативата за преиспитување на уставноста на Законот за специјалното јавно обвинителство. Иницијатива поднесена со намера да се спречи дејствувањето на СЈО, односно спроведувањето на кривичната правда за поранешниот премиер и останатите членови на неговото злосторничко здружение. Произнесувањето на Уставниот суд и за оваа иницијатива е од суштинско значење за натамошниот развој на политичката криза во Македонија и неслучајно е дел од барањата на Протестирам.