УСВОЕНИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ДА НЕ ДОБИЈАТ ДОПОЛНИТЕЛНО ПОКАЧУВАЊЕ ОД 300 ДО 500 ЕВРА ОТКАКО ПРЕТХОДНО ИМ ПОРАСНАА ПЛАТИТЕ ЗА 78 ОТСТО

    УСВОЕНИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ДА НЕ ДОБИЈАТ ДОПОЛНИТЕЛНО ПОКАЧУВАЊЕ ОД 300 ДО 500 ЕВРА ОТКАКО ПРЕТХОДНО ИМ ПОРАСНАА ПЛАТИТЕ ЗА 78 ОТСТОБез законските измени, функционерите ќе добиеја покачување од 300 до 500 евра. (Фото: СДК.МК)

    Со намалување на коефициентите според кои што се пресметуваат платите на функционерите, тие следниот месец нема да добијат покачување од околу 15 отсто на платите, откако минатата година со одлука на Уставниот суд им пораснаа платите за 78 отсто.

    Собранието денеска ги усвои измените на шест закони со кои што се регулираа платите на избрани и именувани лица, вклучувајќи ги пратениците, претседателот, премиерот, министрите, судиите и јавните обвинители. Со денешните измени, коефициентот за плата на трите највисоки функции, претседател, претседател на Собрание и премиер се намалува од 4,50 на 3,91.

    Платата на функционерите се пресметува со тоа што коефициентот се множи со просечната плата за претходната година (плус минат труд), според податоците на Државниот завод за статистика. Во декември 2023 година, таа изнесуваше 39.998 денари и е за околу 15 отсто повисока во однос на претходната година, па без законските измени, функционерите ќе добиеја покачување од 300 до 500 евра.

    Сепак, овие законски измени не спречуваат ново покачување на функционерските плати при следните усогласувања со просечната плата.
    Со законските измени се опфатени околу 1.060 избрани и именувани лица.

    Вчера, Собранието ги усвои измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои што се враќаат државните пари за приватните телевизии, законски укинати во 2018 година.

    Со вчерашните измени, 0,1 отсто од државниот буџет од даночните приходи ќе се трошат на реклами во приватни телевизии, што е околу 2,3 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира