УТВРДЕНИТЕ СЛАБОСТИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР ЗА ОХРИД СЕ РЕЗУЛТАТ НА ДОЛГОГОДИШНИ ПРАКТИКИ И НАСЛЕДЕНИ СОСТОЈБИ, ВЕЛИ ПЕЦАКОВ

    УТВРДЕНИТЕ СЛАБОСТИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР ЗА ОХРИД СЕ РЕЗУЛТАТ НА ДОЛГОГОДИШНИ ПРАКТИКИ И НАСЛЕДЕНИ СОСТОЈБИ, ВЕЛИ ПЕЦАКОВСтанува збор за сеопфатна анализа на работењето во повеќе мандатни периоди, а не исклучиво на актуелната локална власт, за извештајот на ДЗР за 2024. (Фото: СДК.МК)

    „Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) се однесува на периодот од 2019 до 2024 година и опфаќа ревизија на целокупното работење на локалната самоуправа во сите сектори, за период од шест години. Станува збор за сеопфатна анализа на работењето во повеќе мандатни периоди, а не исклучиво на актуелната локална власт. Се работи за проблеми кои се создавале со години, при што дел од утврдените слабости се резултат на долгогодишни практики и наследени состојби“, се вели во соопштението кое Општина Охрид денеска го испрати до медиумите во врска со извештајот на државнот ревизор, кој утврдил дека во Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, но и сомнително финансиско работење, отпишување долгови без знаење на општинскиот Совет, јавни набавки без тендери, чудни трампи на плацеви и ред други неправилности.

    Од Општина Охрид велат дека по приемот на извештајот, Општината започнала со имплементација на препораките, преку дефинирање конкретни мерки, рокови и одговорни лица, со цел унапредување на финансиското, административното и институционалното работење.

    Актуелниот градоначалник Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, кој од ноември 2025 го почна вториот мандат, беше на оваа функција од 2021.

    Од Општината за дивоградбите потенцираат дека станува збор за долгогодишен, комплексен и наследен проблем, кој не е создаден во текот на актуелниот мандат.

    „Решавањето на овој проблем бара институционален пристап, почитување на законските процедури и тесна соработка со централните органи на власта. Општината, посебно оваа локална власт не поддржува и нема да поддржи незаконско градење и дека сите активности се насочени кон воспоставување ред, заштита на јавниот интерес и зачувување на природното и културното наследство на Охрид“, се вели во соопштението.

    Државниот завод за ревизија извештајот со наодите од контролата го достави до Јавното обвинителство.

    „ДЗР на 19.12.2025 година го достави ревизорскиот извештај за Општина Охрид до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде извештајот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Охрид. Оформен е предмет и се преземаат дејствија на проверки“, изјавија вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК од Обвинителството.

    Од Општина Охрид велат дека во Општината не се пристапени или дојдени во контрола претставници на Основното јавно обвинителство, но стојат на располагање за обезбедување на документацијата.

    „Државниот завод за ревизија по службена должност и во рамки на законската регулатива треба да го достави Ревизорскиот извештај до Основното јавно обвинителство. Тоа е вообичаена законска процедура од која Општина Охрид не е исклучок. Доколку има потреба, нашата администрација стои на располагање за обезбедување на целокупната документација на надлежните органи, која е опфатена во ревизорскиот извештај“, велат од Општината.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира