Победивме во првиот круг, задоволен сум од резултатот во првиот круг, а во вториот круг уверен сум во поголема поддршка, кажа претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.
„Ова се добри резултати имајќи предвид што и се случи на земјава изминативе две година. Пред само две години имавме државен удар кога бевме нападнати во Собранието. Оттогаш ние успеавме да го решиме спорот со Грција за кој никој не веруваше и да го затвориме Рамковниот договор. Очекувам гласови од оние кои денес гласаа за Блерим Река оти ние нудиме концепт Едно општество за сите, а мојот противкандидат Силјановска само за Македонците“, кажа Пендаровски.
Според премиерот Зоран Заев, од обработени 98,27 отсто од избирачките места Пендаровски освоил 321.201 гласови а Силјановска 316.872.
„Сериозни одлуки се носат без калкулации. Се разбира има слабости. Во вториот круг ќе има уште поголема излезност, уверен сум дека гласовите на Река ќе одат кај нас“, рече Заев.
На новинарско прашање дали доколку изгубат на овие избори со оглед дека разликата меѓу Силјановска и Пендаровски е мала ќе има предвремени избори, Заев рече дека не бега од тоа ветување и ќе им даде на ВМРО-ДПМНЕ можност да изберат кога сакаат да се одржат предвремени парламентарни избори.
А. АНТЕВСКА