В.Д. претседателката на Основниот суд Скопје 1 Татјана Михајлова, која го суди поранешниот премиер Никола Груевски по првото обвинение на СЈО за насилството во Општина Центар, денеска до Судскиот совет си поднела оставка. Службата за односи со јавност во Кривичниот суд ниту ја потврдува, ниту ја негира информацијата, упатува да се јавиме во Судскиот совет.
Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, пак, не одговара на телефонските повици.
Но, судиите колеги на Михајлова ја потврдуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК информацијата дека Михајлова денеска попладне отишла во Судскиот совет и ја поднела оставката од функцијата. Велат и дека веднаш потоа таму бил викнат експретседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски, но непознато за нив е во каква функција бил повикан, затоа што нему мандатот му заврши на четврти декември.
Во извештајот на Стејт департментот за 2016 година, судството беше окарактеризирано со политичко мешање, неефикасност, наклонетост кон добростоечки личности, одолговлекување на процесите, нарушување на правото на јавно судење и со корупција, а посебно нотирани беа Основниот суд Скопје 1 и експретседателот Панчевски и во тој дел од извештајот се вели дека „политичките манипулации со назначувањата во судството станале уште побезобѕирни, посебно во случаите на Специјалното јавно обвинителство“.
„Судијката Татјана Михајлова се жали во последно време дека не се чувствува добро и поради притисокот што го чувствува откако е на местото, веќе има некои здравствени проблеми. Згора на тоа, со оглед дека нејзиниот син работи како стручен соработник во одделот за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1, нејзини колеги, судии со кои е блиска, ја предупредувале дека ако веќе ја загрозува својата, треба да внимава на кариерата на нејзиниот син, бидејќи тој треба да остане и да работи во Судот“, ја наведуваат судиите едната од двете можни причини за потегот на Михајлова.
Втората причина, велат судиите со кои разговаравме, е тоа што Судскиот совет на чело со Караџовски пробува да го избере Владимир Панчевски повторно за претседател, но безуспешно, па затоа сега преку оставката на Михајлова, ќе може од Советот барем да биде назначен барем за в.д. претседател, како заштита и контролор на предметите кои доаѓаат од СЈО.
„Претседател на суд во Судскиот совет се бира со Бадентерово мнозинство. Членовите Албанци веќе се изјаснија дека нема ни минимум шанса повеќе тие да гласаат Панчевски повторно да биде претседател. Па затоа, потегот на Михајлова кај поголемиот дел од судиите во Основниот суд Скопје 1 се сфаќа како план како Панчевски повторно да раководи со судот. Вршител на должноста претседател на суд Судскиот совет поставува со просто мнозинство и Бадентер не е потребен“, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК дел од судиите со кои разговаравме.
Во судови во Македонија има в.д. претседатели, кои со години остануваат на функцијата, додека да се избере постојан претседател.
С. К. ДЕЛЕВСКА