Седницата за инаугурација на победничката на претседателските избори Гордана Сиљановска–Давкова ќе се закаже за 12 мај, в недела.
Претседателот на Собранието Јован Митрески вели дека го чека официјалниот извештај од Државната изборна комисија ((ДИК) за резултатите од изборите за нова шефица на државата, кои се одржаа вчера и веднаш ќе ја закаже седницата за в недела во 12 часот. Тогаш пред пратеничкиот состав во заминување, Сиљановска-Давкова ќе треба да ја положи заклетвата.
Рокот на ДИК да ги испрати конечните резултати до Собранието е утре (петок) до 19 часот.
Според ДИК, од обработени 99,09 отсто од избирачките места и 99.82 отсто обработени избирачи, за Сиљановска-Давкова гласале 560.173 граѓани. Противкандидатот Стево Пендаровски доби 251.541 глас.
На 12 мај истекува петгодишниот мандат на Пендаровски. Новата претседателка на Македонија ќе му го додели мандатот за нова влада на победникот на парламентарните избори, сопартиецот Христијан Мицкоски и партијата што ја кандидираше, ВМРО-ДПМНЕ.
С. К. ДЕЛЕВСКА