ВАКЦИНАЦИЈА ПОЧНУВА В СРЕДА, КАЖА ФИЛИПЧЕ ПО ДОБИВАЊЕТО ВАКЦИНИ ОД СРБИЈА

    ВАКЦИНАЦИЈА ПОЧНУВА В СРЕДА, КАЖА ФИЛИПЧЕ ПО ДОБИВАЊЕТО ВАКЦИНИ ОД СРБИЈАВо првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека вакцинацијата против ковид-19 во Македонија ќе почне в среда, а први ќе бидат вакцинирани здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар во Скопје. Филипче зборуваше по српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев на примопредавањето на 4.680 дози од вакцината на „Фајзер“ на граничниот премин Табановце. Остатокот од 8-те илјади вакцини од Србија треба да пристигнат деновиве, кажа претходно Заев.

    „Оваа криза покажа дека солидарноста е важна и дека не постојат граници. Ние сме целосно спремни, вакцините се веќе на пат да бидат сместени во соодветните фрижидери. После најавата во петокот вечерта на Фајзер, ние во текот на вчерашниот ден работевме. Го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србија. Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје“, изјави Филипче.

    Министерот за здравство повтори дека вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Како што рече, во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција.

    Во оваа фаза, додаде тој, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира