ВАЊА ПРОНАЈДЕНА МРТВА

    ВАЊА ПРОНАЈДЕНА МРТВАОбвинителството утврдило дека 14-годишната Вања Ѓорчевска била убиена истиот ден (27.11.2023) кога исчезнала. (Фото: Интерпол)

    Во околината на Скопје е пронајдено безживотното тело на малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, соопшти Јавното обвинителство.

    Истовремено, обвинителството соопшти дека во околината на Велес е пронајдено и телото на П.Ж.(74) од Велес, кој на 24 ноември беше пријавен за исчезнат. Во врска со двата случаи, велат од обвинителството, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.

    Прес-конференција за случајот утре, (4 декември) во 9:30 часот, ќе одржат министерот за внатрешни работи на Оливер Спасовски и Основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски.

    „Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е ‘користољубие’. Исто така, од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот“, велат од Јавното обвинителство.

    Претходно, во врска со кривичните дела било најдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења обезбедени биле материјални докази за вмешаност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

    „Увид на двете локации каде беа пронајдени телата на исчезнатите денеска извршија јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство Велес. Издадени се наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветна идентификација. Исто така, издадени се наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете локации“, наведува Обвинителството.

    „Воедно, наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина, информираме дека сите осомничени се од македонска етничка припадност“, нагласува Обвинителството.

    Во деновите по исчезнувањето на двете лица, јавните обвинители издале наредби за претреси на повеќе локации, обезбедување снимки од видео надзор, лоцирање врз основа на базни станици, анализа и вештачења на електронските уреди, вештачења на материјални траги и докази, вклучително и автомобилот поврзани со настанот. Сослушани биле лица кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот и врз основа на сите прибрани докази настанот бил расчистен во однос на осомничените сторители и нивните мотиви. По комплетирање на доказите и наредените вештачења, Обвинителството против сите осомничени ќе поведе соодветна постапка.

    Веднаш по добивањето на пријавите за исчезнатите Вања и П.Ж., преземени биле мерки и активности за нивно наоѓање, а во СВР Скопје бил формиран и посебен Оперативен штаб, на чело со началникот на СВР Скопје. Извршени биле претреси во домови и други простории на подрачјата на СВР Скопје, СВР Велес и СВР Штип, при што пронајдени и одземени биле мобилни телефони, компјутери, возило и др., извршени биле бројни разговори со семејствата, познаниците, пријателите и лица кои би можеле да имаат било каква информација, а во истражните дејства секојдневно биле вклучени неколку стотини полициски службеници кои работеле исклучиво на овие случаи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира