ВАНГЕЛОВСКИ И СУДИИТЕ ОД ВРХОВНИОТ СУД ПРЕДЛОЖЕНИ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НЕ МОЖЕ ДА ОДЛУЧУВААТ ЗА РЕШЕНИЕ СО КОЕ ЌЕ СЕ СПАСАТ САМИТЕ, УКАЖА АНТИКОРУПЦИСКА

    ВАНГЕЛОВСКИ И СУДИИТЕ ОД ВРХОВНИОТ СУД ПРЕДЛОЖЕНИ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НЕ МОЖЕ ДА ОДЛУЧУВААТ ЗА РЕШЕНИЕ СО КОЕ ЌЕ СЕ СПАСАТ САМИТЕ, УКАЖА АНТИКОРУПЦИСКАДописот на Антикорупциска комисија до Врховниот суд следува откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави на 7 јули дека врховните судии не може да одлучуваат за тоа кој закон, дали поблагиот или построгиот, ќе важи при разрешувањето на судиите, бидејќи имаат судир на интереси. - Од седница на Антикорупциската комисија (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и останатите осуммина судии од Врховниот суд за кои има постапка за разрешување во Судскиот совет не можат да одлучуваат по иницијативите на двајца адвокати дали поблагиот, нов Закон за судови, ќе се применува од страна на Судскиот совет за веќе почнатите постапки, укажа Антикорупциската комисија во допис до Врховниот суд.

    Од Антикорупциската комисија велат дека ако врховните судии против кои се отворени постапки за разрешување не постапат согласно Законот за спречување на корупција и конфликт на интереси ќе биде отворена постапка за утврдување одговорност и ќе бидат изречени мерки. Дописот на Антикорупциска комисија следува откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави на 7 јули дека врховните судии не може да одлучуваат за тоа кој закон, дали поблагиот или построгиот, ќе важи при разрешувањето на судиите, бидејќи имаат судир на интереси.

    „Антикорупциската комисија има сознанија дека до Врховниот суд од страна на адвокати се поднесени иницијативи за носење начелен став односно начелно правно мислење по прашањето за тоа кој Закон за судови, како материјален закон, ќе се применува од страна на Судскиот совет на веќе започнатите постапки за престанок, разрешување и основи за одговорност на судија, како и дека против 9 судии од Врховниот суд се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување од функциите. Во однос на наведеното, Антикорупциската комисија смета за потребно да укаже на тоа дека судиите од Врховниот суд против кои се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување од функциите, не треба да учествуваат во расправата и одлучувањето на општата седница каде ќе се утврдува начелното правно мислење по поднесените иницијативи“, му пишаа од Антикорупциска комисија на Врховниот суд.

    Во иницијативата, адвокатите сугерираат за предложените судии за разрешување да важи новиот Закон за судови, донесен 2019 година. Новиот е поблаг од стариот Закон за судови, зашто дава можност судијата при тешка дисциплинска повреда, да може и да не биде разрешен од функцијата. Во стариот закон, за судија за кого е поднесена иницијатива за разрешување, ако биде ставен на дневен ред, има опција само најстрога казна.

    За ваквиот став, Антикорупциската комисија се повикува на три члена од Законот за спречување корупција и конфликт на интереси:

    Член 72

    (1) Службеното лице во своето работење, е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување.

    (2) Во случај на сомневање за постоење судир на интереси, службеното лице е должно да ги преземе сите неопходни мерки за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес или приватниот интерес на друго лице врз извршувањето на неговите овластувања и должности и за тоа да го извести својот претпоставен.

    (3) Во случај на постоење на сомневање за судир на интереси, службеното лице е должно да побара мислење од Државната комисија.

    Член 73

    (1) Ако службено лице учествува во расправа на орган или тело во кое се одлучува за работи за кои тоа или блиско лице има приватен интерес, службеното лице е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето, а најдоцна пред почетокот на одлучувањето. (2) Органот или телото на чија седница лицето од ставот (1) на овој член го соопштил постоењето на приватен интерес, е должно тоа да го констатира и внесе во записник. (3) Прикривањето на постоење приватен интерес од страна на службеното лице претставува повреда на должноста и основа за покренување постапка за утврдување на одговорност и изрекување на мерки согласно со овој закон.

    Член 75

    (1) Кога службеното лице ќе дознае за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси, е должно веднаш да побара да биде изземено и да запре со своето постапување.

    (2) Службеното лице ќе биде изземено од вршењето на определено дејствие со одлука на органот во кој е избрано или именувано, односно каде што врши функции, јавни овластувања или службени должности и по барање на заинтересирано лице кое дознало за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари