ПОЛА ВРХОВЕН СУД ПРЕДЛОЖЕН ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ, ВАНГЕЛОВСКИ БАРА ОД КОЛЕГИТЕ ДА ИЗГЛАСААТ РЕШЕНИЕ СО КОЕ ЌЕ СЕ СПАСАТ САМИТЕ СОСЕ НЕГО

    ПОЛА ВРХОВЕН СУД ПРЕДЛОЖЕН ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ, ВАНГЕЛОВСКИ БАРА ОД КОЛЕГИТЕ ДА ИЗГЛАСААТ РЕШЕНИЕ СО КОЕ ЌЕ СЕ СПАСАТ САМИТЕ СОСЕ НЕГОПретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски е еден од судиите кои имаат постапки за разрешување пред Судскиот совет, за постапката околу пуштањето од притвор на избеганиот бизнисмен Сеад Кочан во мај 2017. - Јово Вангеловски; Од седница на Судскиот совет (Фото: СДК.МК)

    Врховните судии не може да одлучуваат за тоа кој закон, дали поблагиот или построгиот, ќе важи при разрешувањето на судиите, бидејќи имаат судир на интереси. Од 18 врховни судии, колку што има во моментов, против 9-мина од нив се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување од функциите.

    Претседателот Јово Вангеловски е еден од судиите кои имаат постапки за разрешување, за постапката околу пуштањето од притвор на избеганиот бизнисмен Сеад Кочан во мај 2017. Тој, според законите, не ни смее да ја води седницата со ваква точка на дневен ред, каде е тој лично засегнат. За случајот Кочан, постапки за разрешување се водат за Вангеловски и за уште двајца врховни судии, кои биле дел од петчлениот кривичен совет и кои иако немале правна основа и начелен став од Врховниот суд, сепак гласале за укинување на мерката притвор за Кочан. Во другата група се уште петмина врховни судии, предложени за разрешување за бегството на обвинетите во „Тврдина-Таргет“ Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Постапка се води и за уште две врховни судијки кои ги пријавил во Судскиот совет Вангеловски.

    За никој од овие 9 судии постапките не се завршени, а сега тие ќе треба да одлучуваат во свој или против својот интерес. Неофицијално, САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека дел од нив в среда ќе изјават дека имаат судир на интереси и ќе бараат од Вангеловски да се изземат од Општата седница и да не присуствуваат, а уште помалку да гласаат и носат начелен правен став.

    Минатата недела двајца адвокати од Скопје, Анита Бегова и Ѓорѓи Шајн, побарале од Врховниот суд на Општа седница да донесе начелно правно мислење за судиите што се предложени за разрешување, да важи поблаг закон.

    Во иницијативата, адвокатите сугерираат за предложените судии за разрешување да важи новиот Закон за судови, донесен 2019 година. Новиот е поблаг од стариот Закон за судови, зашто дава можност судијата при тешка дисциплинска повреда, да може и да не биде разрешен од функцијата. Во стариот закон, за судија за кого е поднесена иницијатива за разрешување, ако биде ставен на дневен ред, има опција само најстрога казна.

    Начелното правно мислење би го почитувале и Судскиот совет, но и Врховниот суд, каде што по ново, разрешените судии ќе може да поднесуваат жалби против одлуките на Судскиот совет

    На иницијатива на еден од адвокатите на избеганиот Никола Груевски, Вангеловски во јануари 2019 година свика Општа седница и таа донесе начелно правно мислење дека СЈО не може да отвора истраги по 30 јуни 2017 година. До денеска, тие истраги против: Груевски, Миле Јанакиески, Али Ахмети, Бујар Османи, Антонијо Милошоски, потоа истрагата „Империја“ против Орце Камчев и Сашо Мијалков, против Жарко Луковски, за „Скопје 2014“ и многу други истраги на СЈО поради ова начелно правно мислење, се блокирани.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари